Културниот центар Harbin претставува извонреден пример за хибридна архитектура, која се претопува во природното опкружување. Ситуиран на острово во североисточниот кинески град Харбин, наместо да доминира во пејзажот, наметнувајќи ѝ се на „сценографијата“, објектот максимално природно се инкорпорира како детаљ кој само ја збогатува сликата.
Извиената структура чија конструкција е речиси целосно изведена од бетон и бел камен, прекриена со бела алуминиумска обвивка, несомнено успева да се надоврзе на најчесто заснежениот пејзаж.
Комплексот е конципииран од два големи сегменти, театар и рекреативен центар. Двата пространи аудиториуми, кои ја дефинираат внатрешноста на театарот, се карактеризираат со обвивка од дрвени панели, изведена со цел да се потенцира варијацијата на материјали во однос на белиот ентериер.
Рекреативниот центар, пак, е конституиран од големи конференциски простори, галерии, како и хотел за странски посетители.
Локацијата на која се простира објектот вклучува претходно изведено вештачко езерце, кое ја дели целината на два дела, креирајќи уникатен израз. Наместо да интервенираат околу езерската површина, архитектите го вклучуваат овој сегмент во контекстот, поврзувајќи ги двете компоненти од културниот центар со издолжен и тесен мост, лентовидна структура која се „разлева“ покрај објектот, креирајќи простран плоштад.