Денес на ФОН Универзитетот во Скопје во организација на проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија, започнува со работа „Третата меѓународна конференција за климатски промени“. Темите кои ќе бидат третирани на овој настан се насочени кон стимулирње трансфер на знаење и соработка за критички прашања поврзани со климатските промени.
На конференцијата предвидено е да се обратат директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн, ректорот на ФОН Универзитетот Нано Ружин, како и националниот координатор за климатски промени при Министерството за животна средина и просторно планирање, д-р Теодора Обрадовиќ Грнчаровска.
На форумот, кој има за цел да поттикне интегриран пристап на сите засегнати страни во борбата со климатските промени, најавено е присуство на околу 100 претставници на граѓански организации од Македонија и странство, претставници од УСАИД, УНДП, Глобален еколошки фонд, Регионален центар за животна средина за Централна и Источна Европа, Културната мрежа Рамсар, како и од други институции и истражувачи.
УСАИД на конференцијата ќе ги одбележи постигнувањата и успешното завршување на својот четиригодишен Проект за општински стратегии за климатски промени, преку кој им се овозможи на десет македонски општини подобро да се справуваат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени.