Уметнички критичари тврдат дека е подеднакво тешко да се направи ретроспектива на уметници како што се Паул Кле и Пабло Пикасо. И двајцата зад себе оставиле толку разновиден опус (скици, цртежи, масла, акварели, скулптури… ), па затоа е многу комплицирано да се направи совршен избор.
Лондонскиот музеј „Тејт Модерн“ го прифатил предизвикот десет години по последната изложба на Паул Кле во Англија и организира голема ретроспектива под наслов „Making visible“, која ќе трае до девети март следната година.
Во „Тејт Модерн“ изложени се 130 дела од разни колекции ширум светот, со коишто е опфатено неговото триесетгодишно творештво. Основната идеја била на едно место да се соберат сите дела, кои се клучни елементи во постоењето на уметникот. Некои од нив се прикажани за прв пат од кога се реализирани, и на тој начин овозможуваат можност за посетителите да се запознаат повеќе со иновациите и истражувањата во сликарството, во коешто Кле неуморно работеше целиот свој живот.