Личниот телефон на германскиот нацистички водач Адолф Хитлер ќе биде понуден на наддавање во САД во февруари, објавено е на сајтот на аукциската куќа Alexander Historical Auctions.
Телефонот на познатиот германски производител „Siemens“ со вгравирано име на Адолф Хитлер e подарок од Вермахтот. Во април 1945 година него го пронашле советските војници во бункерот на фирерот веднаш по неговото самоубиство.
Потоа бил предаден како подарок на британскиот офицер сер Ралф Рајнер, кој бил испратен од фелдмаршалот Бернард Монтгомери на средба со руските офицери во Берлин, а овој подоцна го сокрил и неговото семејство го чувало уредот повеќе од 70 години.
Стравувајќи да не биде обвинет за грабеж, Рајнер со децении молчел за телефонот изработен од бакелит и го криел во неговиот дом во Дувлиш, областа Девон. Своите воени трофеи само еднаш ги покажал пред семејството по враќањето од Германија, а на својот син му го предал пред смртта во 1977 година.
За овој експонат се наведува дека е „личниот Xитлеров смртоносен инструмент“ преку кој ги издавал наредбите за концентрационите логори и на неговите генерали на бојното поле.
Кога ќе се направи историска ретроспектива на настаните, всушност станува збор „за најдеструктивното оружје на сите времиња“, преку кое оделе наредбите за битката за Сталинград или ракетирањето на Лондон со дотогаш невиденото оружје ракетите V-1 и V-2.
Во 1990 година наследниците на телефонот добиле потврда за автентичноста од операторот на централата на Хитлер, Рохус Миш.
Акцијата ќе се одржи на 19-ти февруари и се очекува да достигне цена од половина милион долари.