Преку анализирање на аспектите на традиционалното градење, како предмет на ова истражување во овој магистерски труд, се истакнуваат можностите за имплементација и фунционирање на едно архитектонско решение, односно едукативен центар за изучување на традиционални градителски вештини во спој со една планинско рурална средина. Главната идеја се состои во претставување на конкретно решение за едукативен центар во селото Јанче, кој ќе послужи како пример за тоа како би можела да се ревитализира една средина која изобилува со традиција во градењето со природни материјали, интервенција при која огромна придобивка би имало локалното население и сите оние заинтересирани за традиционалните методи на градење.
Наставна и проектна програма
Самиот центар е предвиден на начин на кој ќе нуди конкретна наставна програма и сместувачки капацитет за околу 30 лица, а основна цел ќе бидат обновата на знаењата и праксата на традиционалните градителски вештини низ обезбедување на образовна инфраструктура, преку што ќе се обноват и заживеат руралните средини, во конкретниот случај Реканскиот крај, а самите учесници во процесот ќе здобијат знаења за имплементација на традиционалните вештини во современи архитектонско – урбанистички решенија.
Програмата предвидува едукацијата да се одвива преку дел за теоретска настава и дел за практична настава, односно за теоретската настава ќе бидат овозможени посебни предавални, а за практичната настава ќе бидат овозможени посебни работилници за работа со дрво, камен и земја. Во одреден дел, практичната настава ќе може да се одвива на севкупниот простор на селото Јанче или пак во околните села, каде при едукацијата ќе можат да се воочат примерите на старата селска архитектура на терен.
Предавачите што ќе ги водат курсевите ќе имаат свои простории во центарот, а исто така во одреден дел ќе биде сместен и персоналот, што ќе биде задолжен за функционирањето на целиот кампус. Со оглед на обемниот материјал што ќе се обработува и потребата од дополнителни истражувачки материјали, во склоп на центарот ќе биде поставен дел за библиотека заедно со компјутерски простор. Предвиден е и дел за кујна со посебен економски влез, која во најголемиот период ќе треба да ги опслужи корисниците на центарот. За потребите на центарот ќе биде овозможен дел за сместување кој ќе може да прими максимум 30 лица, а во период после часовите предвидени за функционирање на центарот ќе може да биде користен од страна на различни категории на корисници, односно ученички екскурзии, планинарски групи и слични категории на посетители.
Концепт
Со потрагата по совршениот концепт кој може да ги спои сегашноста и минатото, современите архитектонски пристапи и традиционалните, материјалите во нивната современа и традиционална примена, се изнесува една констатација дека не постои совршен начин за да се постигне крајниот резултат или производ. Ваквиот резултат укажува дека постојат низа можности за комбинирање, експериментирање и добивање на реални решенија според зададената цел.
Монолитноста на традиционалната форма е зачувана преку имплементација на системот на традиционално градење со носечки ѕидови како потпора на објектот во целина, систем кој подразбира распределба на волумените во слободна композиција, каде се следи конструктивната логика на традиционалната македонска куќа. Создавањето на целовита структура сплотена со природата, структура која е целосно ориентирана кон неверојатните визури кон реката Радика на југ, зборува за напорите на авторот за придржување кон урбаното милје на ова поднебје.
Употребата на традиционалните материјали како камен и дрво на фасадата, и земја како кровен покривач, ги искористуваат целокупните технички карактеристики на материјалите, имплеменитарни на еден поинаков, современ начин каде преку едукација за истите се добива јасна слика за важноста на локалните материјали и нивната примена. Во согласност со програмските барања на објектот, применет е принцип на додавање на функции по хоризонтала и вертикала, функции кои ја следат формата на објектот што е интегриран во околниот пејзаж во својата целовитост.
Овој објект треба да претставува спој на сите оние архитектонски, урбанистички, социолошки параметри кои се неопходни да се задоволат за да се создаде мост помеѓу старите и новите генерации, кои ќе можат заемно да придонесат за зачувување на традиционалните навики на живеење преку современите методи на креирање.
Пишува: Борјан Колевски, магистрант на архитектура при Универзитетот Американ колеџ, Скопје