Почнува постапката за изградба на времена депонија за неопасен отпад во регионот на селото Ново Конско во Гевгелија, соопшти денеска јавното претпријатие „Комуналец“.
Според претпријатието, изградбата се наметна како потреба по бегалската криза и несоодветниот капацитет и уреденост на постојната депонија.
„Практично, стартува постапката за обезбедување на неопходната документација за реализација на проектот. Со него се предвидува санитарната депонија за неопасен цврст отпад да се простира на површина од два хектара. Локацијата ќе биде оддалечена седум километри од Гевгелија и 1,3 километри од најблиското населено место Ново Конско“, велат од „Комуналец“.
Проектот ќе биде финансиран од јапонскиот грант преку програмата на УНДП за помагање на општините кои беа зафатени од бегалската криза.
Во Гевгелија со јапонски грант неодамна целосно се реконструира водоснабдителниот систем во бунарското подрачје „Вардар“.