Реконструиран и проширен граничниот премин Блаце кон соседно Косово. Државата со помош на Светска Банка го реализираше проектот вреден 1,8 милиони евра, за зголемување на капацитетот на преминот и целосна обнова на објектите за царината и граничната полиција. Терминалот Блаце комплетно е реновиран со изградени три дополнителни коловозни ленти. Ако досега за влез или излез од државава на преминот се чекаше по 15 минути, според пресметките на наделжните сега ќе бидат потербни околку три минути.
„За МВР и за граничната полиција важно е што модернизираниот граничен премин ќе има силно влијание и врз зголемување на квалитетот на контрола на секојдневниот прекуграничен проток и е во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните од Косово и другите земји кои го користат или во иднина ќе го користат“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Во текот на годината скоро два милиони луѓе го минале преминот во двата правци. Од јануари до ноември годинава преку Блаце извезени се стоки во вредност од околу 280 милиони долари, со што се потврдува економската оправданост и потребата од современ граничен премин кон Косово.