Бројот на дозволи издадени за градба на објекти за живеење се зголемил за 20 отсто во 2016 година, изјави денеска германската министерка за домување Барбара Хендрикс, која градежниот бум го поврзува со економскиот раст превиден за оваа година.
Како што пренесува дописникот на МИА од Берлин, зголемениот број на барања за градба на живеалишта во Германија се должи на зголемениот број на жители, зголемената безбедност на работните места и рекордно ниските цени на кредитите.
Во 2016 година во Германија се издадени дозволи за повеќе од 380 илјади згради што е зголемување за околу 70 илјади нови објекти за живеење. Поголем број на дозволи за згради во Германија биле издадени само во 2000 година. Градежништвото е еден од најважните фактори за економската експанзија на Германија каде што од 1,9 % на растот на ГДП околу една шестина или 0,3 проценти се должи на градежниот бум.
До 2020 година на Германија и се потребни околу 350 илјади нови домови за да се задоволат потребите на пазарот.