Да се биде претседател на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, во период кога го прославуваме 40-годишниот јубилеј, е чест и привилегија, но и обврска, заедно со останатите членови на претседателството да го одржиме нивото што Друштвото го има постигнато досега, а тоа е водечкото место во македонската инженерска фела.
Градежништвото е универзален јазик на човештвото, тоа не знае за граници, ниту за ограничувања. Не постои предизвик и проблем што градежниот конструктор не би можел да го реши. Пред него се поставуваат задачи, а решенијата се тие што ги поместуваат границите на невозможното и претставуваат мост помеѓу минатото и иднината. Треба да градиме и повеќе и подобро, а нашите дела да пркосат на забот на времето. Наша мисија е да градиме современи и одржливи објекти, за нас и за идните генераци. Токму во таа насока ДГКМ дава свој придонес.
Друштвото на градежни конструктори на Македонија е друштво со традиција. Во далечната 1952 година, формирано е Југословенското друштво на градежни конструктори, чиј прв претседател бил академик Ѓорѓе Лазаревиќ. Со одлука на претседателството на ЈДГК, во 1976 година се формирани републичките друштва, меѓу кои и ДГКМ, а за прв претседател е избран професор д-р Александар Ангелов-Цане. Веднаш по формирањето јасно беа зацртани целите, задачите, визијата и мисијата на Друштвото, а тоа се:
– ДГКМ претставува здружение со национално и меѓународно значење.
– Неговата мисија е запознавање на членството со најновите научни и стручни достигнувања во областа на градежното конструкторство, како и континуирано вложување во професионалното усовршување, унапредување на знаењето и едукација на членството, посебно на помладите генерации.
На симпозиумот на ДГКЈ, одржан во Дубровник 1989 год., Друштвото доби признание „ПОВЕЛБА за најдобра републичка организација во рамките на Сојузот на инженери и техничари на Југославија“. Започнавме скромно, но оттогаш се нижат само успеси. Првиот симпозиум, кој имаше национален карактер, се одржа во далечната 1977 година и беа презентирани само 12 трудови од домашни автори. Најголем подем Друштвото достигна во 1997 година кога беа презентирани 154 трудови. Автори од соседните држави учествуваа со 63 трудови. Минатата година беше организиран 16. Меѓународен симпозиум на тема „Современи конструкции – одржлив развој“. Објавени беа 115 трудови, од кои 50 од автори од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Германија, Италија и од Португалија.
Со цел да го прикажеме континуираниот развој на Друштвото, на 16 декември во амфитеатарот на Градежниот факултет во Скопје се одржа Свечено собрание по повод 40-годишниот јубилеј. Во рамките на Свеченото собрание беше презентирана работата на Друштвото во изминатите 40 години, како и на сите компании кои се дел од неговото постоење. Беа презентирани капитални градежни објекти кои се проектирани или изведени од страна на нашите градежни компании и градежните конструктори. Доделени беа Плакети на досегашните претседатели и на градежните конструктори кои со своето залагање дале придонес кон активната и континуирана работа на Друштвото во изминатите 40 години. Плакети беа доделени и на градежните компании кои сиот овој период ја поддржуваа работата на Друштвото и без чија финансиска помош не ќе беше можна успешната реализација на активностите.
Градежниот конструктор умее да гради и нераскинливи пријателства. На Свеченото собрание присуствуваа многу наши почесни членови и долгогодишни пријатели на ДГКМ. Присуствуваа претставници на Друштвото на градежни конструктори на Србија, на градежните факултети во Белград, Нови Сад, Загреб и Софија, како и претставник на Бугарската академија на науките и уметностите. Плакета за медиумска поддршка на ДГКМ беше доделена на списанието „Порта 3“.
Присуствуваа и многу наши млади колеги во кои ја гледаме иднината на Друштвото. Ја користам оваа прилика посебно да им се заблагодарам на младите колеги кои несебично се вложија во организирањето на овој, за нас многу значаен јубилеј „40 години ДГКМ“.
Пишува: проф. д-р Мери Цветковска, претседател на ДГКМ