Во Скопје и денеска воздухот според последните мерења на Министерството за животна средина бележи високо ниво на загаденост, односно ПМ 10 честичките се повторно над дозволената граница.
Во скопскиот регион најзагадено утрово е во Центар со измерени 226,36 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, кај Ректорат 223,88, Гази Баба 220,27, Лисиче 211,61, Карпош 91,42 и Миладиновци 74,38.
Во Битола се измерени 143,17, Кавадарци 141,45, Тетово 125,04, Кичево 121, Куманово 84,20, Кочани 61, Велес 59,26 микрограми на метар кубен.
Скопските градоначалници денеска на средба ќе се разговараат за загадувањето на амбиенталниот воздух во скопскиот регион, соопштија вчера од кабинетот на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Состанокот помеѓу градоначалниците е на покана на Трајановски, а ќе се одржи во просториите на градот Скопје во градскиот парк. Средбата на која треба да присуствуваат сите градоначалници на скопските општини е со цел да се изготват мерки со кои ќе се намалат последиците од преголемото загадување на воздухот во главниот град.