Павлинка АТАНАСОВА, студент на арх. факултет
Архитектурата е секогаш одраз на времето во кое е создадена. Во нејзиниот израз се отсликуваат општествените и економските прилики, таа е можеби најсилното изразно средство на менталниот прогрес и економската моќ на едно општество и е сведок на нашето време. Сведок на слободно, демократско општество, на едно пост-модерно време кога стремежот кон иднината е посилен од кога било.
Оваа архитектура која се третира во проектот Скопје 2014 не е слика на денешново време. Да се имитираат стилови кои опстојувале пред неколку века во време кога светската архитектура со огромна брзина се движи напред, е апсурд. Факт е дека во сите светски метрополи ренесансните, барокните, неокласицистичките… објекти се воодушевувачки, но тие во себе ја носат пораката од минатото, духот на времето во кое се создадени како такви. Во Париз најпомпезните дворци кои се градени за да ја истакнат моќта на владетелот, датираат од периодот на 16 и 17 век. Затоа тие се и величествени.
Сепак ме радува тоа што се гради, што конечно се инвестира во градителската дејност. Она што не го оправдувам е начинот на кој се спроведува истото. Гласам за современ архитектонски израз. Недостасуваат такви објекти на нашиве простори. Ни недостасуваат примери од современите начини и технологии на градба. За сега истите ги има само на Интернет сајтовите.
Во однос на поединечните примери од проектот Скопје 2014 не се согласувам со изградбата на црквата Св. Константин и Елена на локацијата на која што е предвидена. Каков било објект на таа локација не би бил урбанистички оправдан бидејќи затвора улици, се наметнува во еден простор кој треба да е слободен…
И, можеби, најлоша од сите други е идејата за поставување на триумфална порта. Таа освен урбанистички, не е издржана ни од општествен аспект, ако се земе предвид поводот по кој се подигале такви монументи некогаш.
Збор, два и за спомениците… Се согласувам дека најголемиот дел од нив треба да постојат, се согласувам и со фактот што некои од нив треба да бидат доминантни, да имаат моќен израз. Креативна е идејата што некои од нив треба да се постават на сред улица, како сите би се сретнале со нив. Во конкретниов случај проблем е окупирањето на јавниот простор кој сега им припаѓа ним. Но, не се согласувам со предимензионирање на спомениците, како што е споменикот на Александар Македонски. Јасна ми е потребата тој да биде моќен и да доминира во просторот, но сметам дека тој пропорционално не соодветствува со димензиите на плоштадот и неговите рамки.