Стартуваше европскиот систем за сателитска навигација Galileo со услугите за лоцирање, навигација и мерење време на глобално ниво. Системот и натаму се базира врз GPS, но ќе нуди многу поточно и поверно лоцирање. Најважно е тоа што Galileo ќе биде целосно независен од американскиот систем GPS, рускиот Glonass и од алтернативите коишто моментно се развиваат во останатите региони во светот.
Galileo се состои од 18 сателити, со план нивниот број да се зголеми на триесет до 2020 година. Првите услуги на сателитската навигација се достапни веќе од вчера. ЕУ и европската вселенска организација ЕСА работат на овој проект веќе 13 години. По низа проблеми, овој престижен објект на Европската заедница конечно започнува со работа, иако само со дел од функциите.
Според Марош Шефкович, потпретседател на Европската комисија, со Galileo се постигнува десетпати поголема прецизност на геолокализацијата, со што се создава основа за нова технолошка генерација, вклучувајќи ги и автономните возила, вмрежените уреди или интелигентните градски служби.
Покрај GPS, европските сателити вклучуваат и цела низа бесплатни услуги, меѓу другото помош при спасувачки мисии, попрецизна навигација за граѓаните, подобра синхронизација на критичните инфраструктури и безбедни услужни дејности за државните институции.
За локализација на исчезнати лица на море или планина, моментно се потребни неколку часови. Со услугата за потрага и спасување SAR може побрзо да се пронајдат и спасат лица коишто ќе испратат сигнал за помош од уред што е компатибилен со Galileo. Потребното време за лоцирање се скусува на само десет минути. Покрај тоа, лицето што бара помош во иднина ќе добие потврда дека спасувачите се веќе упатени кон него.
Паметни телефони кои се компатибилни со Galileo се наоѓаат во продажба од есенва, и тие можат да ги користат сигналите за попрецизно одредување на позицијата. Од 2018 година сите нови автомобили наменети за европскиот пазар ќе бидат опремени со Galileo, заради поточна навигација и користење на концептот eCall.
Воедно, се овозможува и подобра синхронизација на банкарски и трансакциски акции, што ќе овозможи зголемување на нивната ефикасност, исто како и на дистрибутивните мрежи за телекомуникациски услуги и енергија, вклучувајќи и интелигентни струјни мрежи. Услугите на Galileo ќе се користат и од страна на институциите, за заштита при катастрофи и хуманитарна помош, од царинските служби и полицијата.
Сателитите на Galileo и потребната инфрастуктура на тлото веќе се пуштени во работа, но засега сигналите не може да се користат во секое време. Поради тоа, првите сигнали на Galileo во почетната фаза се комбинираат со останатите системи за сателитска навигација, како GPS. Во следните години ќе се пуштат дополнителни сателити во орбитата, со што постепено ќе се подобрува достапноста на системот. Целосниот обем на работа ќе биде достигнат во 2020 година.