Сè повеќе се реализираат светски книжарници и библиотеки, кои се истакнуваат со некакви спектакуларности, било да се работи за нови проекти или некои стари, оние што се само реновирани и реставрирани.
Сепак, една се издвојува, а тоа е Seashore Library која е совршен приказ и спој на дизајн, природа и смиреност околу себе, бидејќи се наоѓа на плажа, во близина на морето.
Овој брилијантен проект го создаде и осмисли архитектонското студио Vector Architects, а се наоѓа на три часа возење од Пекинг, како дел од одморалиште кое е со причина оддалечено од градската врева.
Централниот дел на книжарницата во кој може да се престојува е свртен, се разбира, кон морето, од кое го дели само стаклен ѕид кој се отвора, така што корисниците се буквално на два чекори од плажата, со книга во рацете.
Она што ја прави оваа книжарница посебна е робусната, сирова и модерна архитектонска конструкција која изгледа недовршено, и токму поради тоа совршено се вклопува во амбиентот на екстериерот, додека во ентериерот доминира комбинацијата од бетон и дрво, нагласена логично со книги.