Оваа петиција е покрената поради најавата за симнување на оваа важна зграда во Белград од листата на заштита на спомениците на културата.
Петицијата е покрената од страна на уредувачкиот колегиум на „Српски архитекти“ на социјалната мрежа Фејсбук, кој смета дека овој објект на модерната архитектура во Белград, дело на познатиот српски архитект Никола Добровиќ (1897-1967), треба да се реконструира и да се доведе во неговата оригинална состојба.
Објектот на Никола Добровиќ е едно од највредните и најважните дела на повоената Модерна на просторот на Белград и Србија.
Зградите на Генералштабот и Министерството за одбрана на Србија, што се наоѓаат на крстосницата на улиците „Кнез Милош“ и „Немањина“, се изградени во периодот 1954 – 1963 година и претставуваат единствено дело на овој великан на територија на градот Белград.
За жал, објектот бил оштетен во два напади (на 30 април и 7 мај) во 1999 година за време на бомбардирањето на НАТО. Од тогаш па до денес, Генералштабот е оставен на милост и немилост на времето и заборавот.
По повод овие наводи се огласиле и архитектонските институции, Академијата за архитектура на Србија (ААС), Здружението на архитектите на Белград (ДАБ), Асоцијацијата на архитекти на Србија (УАС) и ДО.KO.MO.MO Србија, кои се единствени во ставот на зачувување на ова здание.
Иницијативата досега е потпишана од страна на повеќе од 3000 луѓе.