Во рамки на проектот WaterNet, денес на Факултетот за туризам и угостителство свечено беше пуштена во употреба Ботаничката градина, во која ќе се одгледуваат бројни зачини и зеленчук за потребите на факултетот, пишува OhridNews.
Ботаничката градина е дел од заедничкиот проект на општина Охрид, општина Едеса, Универзитетот „Св. Климент Охридски“- ФТУ и Институтот за технолошки науки „Александар“ од Солун, чија реализација започна во јуни минатата година.
Проф. д-р Сашо Коруновски, ректор на универзитетот „Св. Климент Охридски“, истакна дека новоотворената Ботаничка градина е направена по теркот на градините што ги користат најпознатите институти по гастрономија.
– Ова е една мала ботаничка градина, но можам да кажам дека честопати иновативните идеи во многу сфери не се поврзани со големи дела, туку со мали работи кои наеднаш ќе ги отворат вратите кон одредени понатамошни успеси што треба да ги направиме. Кога ја разработувавме ваквата идеја со некои од најпознатите институти за гастрономија, видовме дека токму тие го користат овој концепт. Студентите можат да се запознаат со зачините и билките на самото место, да ги одгледуваат, а потоа да ги користат. Она што ја дефинира нашата кујна се зачините кои ги дефинираат вкусовите и затоа особено внимание се посветува на овој дел, – рече Коруновски.
Во рамки на проектот WaterNet, што се реализира со средства од програмата за трансгранична соработка на ИПА фондовите, се гради и дел од пешачката патека кон Горица, поставен е туристичкиот Инфо центар, а беше набавена и опрема за кујната во Факултетот за туризам и угостителство.