Следејќи го успехот на Френк Гери и неговото дело музејот „Гугенхајм“ во Билбао, според познавачите на неговото творештво, било сосема природно овој познат архитект да биде уште еднаш ангажиран во Шпанија. Па така, архитектот бил повикан со своја креација да промовира шпански регион препознатлив по своите најголеми деликатеси – виното. Во прашање е познатата шпанска винарија „Маркиз де Рискал“, основана во 1858 година.
Френк Гери успеа оваа стара винарија, којашто е производител на едни од најскапите вина во светот, да ја трансформира во исклучителен комплекс, кој вклучува хотел со пет ѕвезди, спа и музеј за вино.
Традиционално, винариите од овој регион не се отворени за јавноста, па затоа планот на Гери бил редефинирање на идентитетот и оживување на имиџот на регионот со современи туристички атракции. Луѓето од „Маркиз де Рискал“ сметале дека оваа традиција на затвореност треба да се напушти и да им се овозможи на посетителите уникатно искуство во нивната винарска визба.
Зборувајќи за инспирација за ова здание, Гери објаснил дека неговата цел била да го вклучи карактерот на регионот во објектот. Иако на објектот се појавуваат препознатливите скулпторски елементи од титаниум, градбата е направена од камен, додека скулпторско титаниумската обвивка се прелива во светкаво виолетова и темноцрвена – боите на овдешните вина. Во ентериерот, исто така, суптилно и вкусно преовладуваат елементи кои се поврзани со виното и неговата производствена технологија.
Ова може да се види во боите и материјалите што се применети – преовладуваат акценти во пурпурна и црвена боја.
На ѕидовите се појавуваат специјални „штандови“ за изложување на вината, а винскиот бар има изглед на винарска визба.
Колку целиот комплекс е посветен на виното, може да се заклучи од фактот што спа центарот на овој хотел нуди терапија исклучиво со вино и со разновидни вински третмани.
Сите козметички производи се направени од екстракт од грозје и специфична минерална вода.