Бајковит планински предел е најдобрата можна дестинација за бегство и релаксација во изолација. Токму на такво идилично место во Норвешка, во рамките на ски-центарот Ålsheia, е изградена монументална и модерна куќа за одмор, под име Sirdalen. Објектот, со својот изглед и текстура со бетонска надворешност, идеално се вклопува во амбиентот. Негови дизајнери се архитектите од студиото Filter Arkitekter.
Куќата е сместена во еден вид кањон на многу суров терен, но е совршено интегрирана, а во прилог на тоа оди и покривот од бетон кој исто така е присутен и во самиот ентериер.
Минималистичките и чисти линии се присутни и во самата конструкција, а целата куќа се протега на два ката, кои имаат две дневни соби, бањи, сауна, кујна и трпезарија, како и гаража.
Гаранцијата за спектакуларен поглед на пејзажот, како дење така и ноќе, се стаклените ѕидови, а за да се неутрализира ладниот впечаток на самата архитектура и ентериерот, топлината во визуелна смисла е обезбедена од страна на самата природа околу куќата, а голема улога во тоа има и самото осветлување.
Резултатот е, секако, многу стилски, модерна куќа за одмор во која секој ќе се чувствува комотно и удобно и да ужива во секој дел од она што таа го нуди, а тоа е изолација на најидиличен можен начин.