Минувањето на автопат низ градовите често се смета како решение за градскиот метеж. Но, истражувањата покажале дека колку повеќе рути односно патишта на возачите им се на располагање, толку повеќе опаѓа интересот кај нив за користење на некаква алтернатива во транспортот – велосипед, јавен превоз и сл. Како резултат на тоа, сообраќајниот метеж во градовите уште повеќе се зголемува.
Некои градови одлучиле да се спротивстават на тој начин, што делови од автопатот претвориле во паркови и помалку прометни улици. Во продолжение Ви претставуваме шест такви примери – некои се веќе изведени, а некои се во фаза на реализација.
Harbor Drive, Портланд – САД
Дел од еден од првите автопати во САД е елиминиран со цел изградба на паркот Tom McCall. Работите во врска со оваа трансформација се започнати уште во 1974 година. Мостот Hawthorne, кој некогаш бил дел од автопатот, станува мост за велосипедисти и пешаци, поврзувајќи ја Првата Авенија со паркот.
Cheonggyecheon, Сеул – Јужна Кореја
Cheonggyecheon автопатот во Сеул бил изграден врз канал со истото име. Со цел да се справи со загадувањето на воздухот во градот и бучавата генерирана од над 160.000 возила дневно, градоначалникот донесува одлука да изгради парк на истото место. Избраното проектно решение се враќа на изворниот изглед со некогашниот канал, со цел да го направи паркот пријатно место за средби и рекреација. На тој начин подобрен е квалитетот на воздухот, а намалени се урбаната температура и нивото на бучава.
Pier Freeway, Сан Франциско, САД
Во раните 80-ти во Сан Франциско започнува планот за рушење на автопатот California 480 и изградба на парк на истото место. Реализацијата на проектот почнува во 1991 год. откако автопатот бил сериозно оштетен како последица на земјотресот во 1989 година. Студиите тогаш покажале дека повторната изградба на автопатот ќе чини многу повеќе од изградбата на паркот. Денес, ова место го има еден од најубавите погледи на заливот.
Madrid Río, Мадрид – Шпанија
Сличен проект во Мадрид започнал во 2000 година, со намера да се ревитализира брегот на реката Манзарес. Тешка задача со оглед на фактот што делница од автопатот минувала преку реката, но исто така просторот вклучувал и повеќе историски споменици. Реализацијата сепак обезбедува зачувување и на историското јадро но и создавање на прекрасен парк во средиштето на градската џунгла. Сообраќајот е пренасочен преку подземните сообраќајници. Паркот е отворен во 2011 година.
Park East Freeway, Милвоки – САД
Уште во 1960 година граѓаните сериозно се спротивставиле на изградбата на автопат низ центарот на градот, па затоа овој проект никогаш и не бил завршен туку изведени се само некои сегменти. Тие се срушени во периодот 1999 – 2002 година кога започнува изведбата на паркот East Corridor.
Alaskan Way, Сиетл – САД
Делот од автопатот што минувал низ Сиетл бил разрушен во земјотресот во 2001 г., по што надлежните се одлучиле да изградат подземна сообраќајница на тоа место, ослободувајќи огромен простор надземно за прекрасен парк. Работите на реализација на овој проект сè уште се во тек, и се очекува да бидат завршени целосно во текот на 2017 година.