Дивна Пенчиќ, дипл.инж.арх.
Ако основа за реализација на владиниот проект „Скопје 2014“ се најновите, а веројатно и сите останати досегашни Измени и дополни на Деталниот урбанистички план Мал ринг, тогаш истакнувањето на сериозните грешки, недоследности и противпланерски услови за градба кои ги пропишува овој план е клучното ПРОТИВ овој проект!!!
Аргументите ПРОТИВ овој план можат да се разгледуваат на повеќе нивоа и тоа:
Постапка за изработување и донесување
Целата постапка е спорна, како прво, од аспект на декларираната скратена постапка за донесување на план, која во Законот за просторно и урбанистичко планирање не постои, освен според чл. 32 „во случај на воени разорувања, природни и други катастрофи и хаварии со поголем обем на материјална штета“. Оправдувањето на користење на т.н. „скратена постапка“ може да се најде само ако владиниот проект „Скопје 2014“ се вбројува во терминот „други катастрофи и хаварии“.
Како второ, еден од поголемите проблеми е неверојатното и несфатливото, често изработување и доенсување на Измени и дополни на детален урбанистички план за овој, би се сложиле, најважен дел од градот, со значење нè само за локалното население, туку и за цела држава, ако не и пошироко. Несфатливо, или напротив сфатливо, е честото прекројување, дополнување и додавање на нови површини за градба, нови споменични обележја и сл., што е показател за погубното немање јасна замисла, идеја, концепт, за тоа што во овој така значаен простор треба да се гради. Евидентно е дека се работи за постојано надополнување како резултат на дневна политика, моментална понуда кој е спремен да плати за добиена локација плус или каде се гледа потенцијал за добра градежна зделка. Имајќи ги предвид овие нешта и многу други кои можат да се додадат, погубно е ваквото брзоплето, несовесно и узурпаторско изработување и донесување на план.
Планот, и сите негови измени и дополни, е изготвен набрзина, не помина низ стандардна процедура на јавна презентација и јавна анкета, не е доставен на мислење на научни и стручни организации, и други правни лица заради нивно учество во јавната презентација и јавната анкета, а со цел навремено да ги достават своите мислења или забелешки, според чл. 24 од ЗПУП. Ова е секако пракса за сите планови кои се донесуваат во Р. Македонија. Не се памети некогаш, или можеби само понекогаш, плановите да се доставуваат до Архитектонскиот факултет или ААМ-Асоцијацијата на архитекти на Македонија, на научно и стручно мислење, како единствените научни и стручни организации во нашата земја.
Начела во процесот на планирање и уредување на просторот
Имајќи ги предвид пропишаните начела според чл. 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои се клучни во изработката на еден план: „рамномерен просторен развој; рационално уредување и користење на просторот; услови за хумано живеење и работа на граѓаните; надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет; одржлив развој; заштита и унапредување на животната средина и природата; заштита на недвижното културно наследство; заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии; јавност во постапка за донесување и спроведување на плановите; и усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот“, може слободно да се каже дека ниту едно начело не е испочитувано.
Овој план воопшто не го третира начелото за „рамномерен просторен развој“. Во овој урбан опфат се вметнуваат сите клучни државни институции, административни и културни, и со тоа другите делови од градот и сите останати градови губат какво било значење. Истото се однесува и на поставувањето на околу 100 споменични обележја. Определбата сè да се стави во еден вака мал простор (2 х 2 км) од една страна го претрупува и загушува овој простор, а од друга страна го одзема значењето на кој било друг простор од градот или другите градови. Ова е проблематично и од аспект на инвестиции, сè ќе се слее во една општина, на сметка на другите општини.
Со ова се негираат и другите начела, па може да се евидентира пренатрупаност и узурпација на целиот и онака мал и недоволен јавен простор, условите за живеење и работење во овој простор се прават невозможни и неподносливи, односно ниту одалеку создава „услови за хумано живеење и работа на граѓаните“. Определбата на нашето законодавство и ГУП-от за Скопје, е центарот на градот да не се испразни од жители, туку напротив, тие да се задржат и да се зачува традиционалното живеење во него. Секаде во светот, сите градови кои ги избркаа жителите од центарот на градот и создадоа аветински центри, мртви во поголемиот дел од денот, сега форсираат враќање на домувањето во нив. Ние напротив со ДУП Мал ринг, создаваме нехумани услови и само можеме да очекуваме дека жителите ќе бидат принудени да се отселат од центарот, а вработените да трпат невозможни услови за работа.
Во услови кога секоja празна површина се узурпира со градба или споменик, ниту оддалеку не може да се зборува за надминување на „урбани бариери за лицата со посебни потреби“. Во лица со посебни потреби не се вбројуваат само лицата што се во инвалидски колички, како што кај нас најчесто се мисли, туку и сите кои имаат трајни и времени пречки во движењето, стари лица и мајки со деца во детски колички, потоа лица кои се плашат од затворен или пренатрупан простор, лица со разни психички проблеми и др. Може само да се претпостави како еден пренатрупан простор со објекти и скулптури, може да влијае на слободното движење и можноста за ориентација.
За „одржлив развој“, за кој државата Р. Македонија се обврзала како потписничка на сите светски конвенции, апсолутно не може да стане збор и претставува заостанување на нашата планерска практика од 50 години. Во овој план нема ништо одржливо, ниту еден од трите клучни аспекти на одржливост: социјалниот, економскиот и еколошкиот. Тоа значи дека се направени темелни анализи за планираното, какви услови ќе се создадат, колку тоа ќе чини, како тоа ќе се плати, од каде ќе се најдат сретства, како ова ќе влијае на биодиверзитетот и сл. Овие анализи би требале да доведат до јасна претстава како овие многу често спротивставени аспекти ќе се избалансираат и како ќе се постигнат услови за социјална интеракција, економичност и очувување на градскиот екосистем. Анализирајќи го планот, евидентно е непостоење на свест за тоа како одржливоста се имплементира со овој план.
Од аспект на „заштита и унапредување на животната средина“, исто така овој план е погубен. Предвидени се градби во секој празен простор, независно дали е тоа слободен простор меѓу зградите, или се тоа нашите највредни зелени оази, како Жена-парк. Најголем проблем се исполните со катни гаражи во рамки на комплексот на Поштата (Телекомуникацискиот центар), со висина од 29м, подземната катна гаража под Жена-парк, со 3 нивоа под земја. Не се остава ниту слободен провев меѓу објектите, секоја празнина е пополнета, а што е пострашно, сé што е планирано под земја, нема да остави педа земјиште за садење зеленило, дрвја и трева, и нема да има како да се впијат водите од обилните поројни дождови, познати во Скопје. Од целата избетонирана површина ќе треба некако да се евакуира водата, но тоа ќе биде невозможно. Со ова може само да се очекува непроветрен центар на градот, загушен, дополнително загреан, поплавен, и со ова неподнослив за живеење и работа. Во овој дел спаѓа можеби и најопасното нарушување во планот, а тоа е третманот на заштитниот појас на р. Вардар. Во сите планови направени после големата поплава 1962 г. и катастрофалниот земјотрес 1963 г., крајбрежниот појас е посебно третиран поради постојаната опасност од нови поплави и земјотреси. Новиот план сосема ги изоставува овие проблеми и буквално овозможува градба до самиот бедем на реката. Покрај непочитување на законите што се однесуваат на заштита на животната средина, не се почитува ни законот за води, што пропишува граници до каде може да се доближат градбите во однос на големи водени површини, во овој случај реката. Покрај ова се појавува и проблемот на запирање на струењата на воздух, по течението на р. Вардар, како клучни во проветрувањето, не само на Малиот ринг, туку и на целиот град.
За „заштита на недвижното културно наследство“, овој план не предвидува ништо. Веројатно постојат т.н. конзерваторски основи, за кои можеме да знаеме само преку прераскажување од еден на друг меѓу стручните лица, но фактички планот не се занимава со тоа. Ова подрачје е исклучително богато со културно наследство кое допрва треба да се обработи. Тоа е недвижно културно наследство од XX век, меѓу кои се објектите популарно познати како Метропол (некогашната Трговска комора), Стоковна куќа НАМА, Телекомуникацискиот центар (Поштата), Електро-стопанство на РМ (ЕВН), Градски трговски центар, киното Култура, Ибни Пајко, Комерцијална банка, Културниот центар (со МОБ, Музичкото и балетско училиште) и др., и многу станбени објекти. Во планот многу од нив се покриваат со други објекти, како да сакаат да се скријат и им се узурпира целот простор пред нив, со што се губи достапноста до нив, како физичка, така и визуелна. Планот во овој смисол е погубен и за тоа ќе бидеме свесни дури после 30-40 год., а тогаш ќе биде касно.
„Заштитата од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии“, евидентно не е воопшто третирана. Ако беше, немаше да се одреди секој слободен простор за новоградби, ќе се воспоставеа пропишани растојанија помеѓу објектите и ќе се воспоставеа коридори за пристап на ургентни возила и евакуација на луѓето и материјалните добра. Кога зборуваме за евакуација, не се мисли само на евакуација при пожари, земјотреси и сл., туку и при одржување на митинзи, концерти, прослави и сл. Планот каков што е, може да биде причинител на катастрофални последици и може само да се надеваме дека до тоа нема да дојде.
За јавност во постапка за донесување и спроведување на плановите, иако веќе беше кажано, можат да се кажат уште многу нешта. Проблемот може да се најде во погрешното толкување што значи „јавност во постапката“. Имено, сите вклучени во изготвување и донесување на планот ова го сфаќаат само како извршување на пропишаните „јавна презнетација и јавна анкета“, но тоа значи многу повеќе од тоа. Значи дека јавноста, и стручна и граѓанска, се вклучува во сите фази на изготвување, донесување и спорведување на планот. Не е доволно јавноста само да го види веќе изготвениот план и со тоа да биде ставена пред свршен чин, туку да биде вклучена уште од самиот полчеток и тоа кога се поставуваат целите и приоритетите за донесување на план. Вклученоста на јавноста уште на самиот почеток ќе значи информираност, ќе значи можност за давање свои визии и детектирање на вистинските потреби за развој на еден простор. Јавноста, особено за ваков значаен дел од градот, значи и одржување на јавни конкурси со што би се добиле поквалитетни предлози за развој. Ако Скопје веќе има традиција на распишување на меѓународни урбанистички конкурси, особено за Малиот ринг, тогаш се поставува прашање зошто и овој пат не се направи истото.
„Усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот“, веројатно е најмалку испочитуваното начело. Но, тоа носи корени од нашата неусогласена законска регулатива со европската регулатива. Причина за ова може да се бара во честото прекројување на законите што се однесуваат на урбанистичко планирање и градба, препишување од закони од разни земји и нивно несреќно колажирање. За проблемот да биде поголем, тука е и честото менување на правилниците за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање со цел задоволување на дневните потреби за одредување на услови за градба, како се наоѓа заинтересиран инвеститор. Погубно е донесување на планови и нивни измени и менување на законската регулатива според дневните потреби, наместо една јасна концепција преточена во план, да го диктира градењето.
Сообраќајно решение
Од посебно значење за аргументите ПРОТИВ овој план е веројатно и објаснувањето за погубноста на сообраќајниот концепт што го нуди овој план. Имено, ако со години и низ претходните планови и градежни активности, се целеше кон растоварување на Малиот ринг од сообраќаен метеж и загушување, овој план сега повторно го воведува сообраќајот во него. Решението да се направат пет катни гаражи со фантастични висини од 15, 21 и 29 м (П+5,7,9), и огромен паркинг на три нивоа под Жена-парк, значи дека се работи дефинитивно за опредлеба да се форсира користење на автомобилот како главно транспортно средство. Ова значи дека се навлекува дополнителен автомобилски сообраќај во и онака веќе, до колапс доведен постоечки. Можеме само да замислиме како ќе изгледаат колоните за влез и излез во ударните сообраќајни шпицови, и кои сé улици ќе бидат со часови закрчени. Овие катни гаражи никако не би смееле да бидат во простор на Малиот ринг, туку надвор од него во зоните што го тангираат. Но, за жал, сведоци сме на пренаменување на веќе планираните катни гаражи, на пример во појасот на Стара железничка станица, во трговски и деловни објекти. За катните гаражи може да се каже и нивното погубно влијание врз естетскиот изглед на овој простор. Колку и да бидат вешти и инвентивни архитектите што би ги проектирале, сепак не може да се очекува голем придонес, кога се работи за објекти повисоки и од најзначајните постоечки објекти и кога сепак се работи за релативно еднолични нивоа и една поинаква, би рекле, хангар архитектура, која ниту насоките да биде во „баркоен стил“, нема премногу да ги разубават, туку напротив ќе направат стилска карикатура.
Од друга страна, може да се коментира и системот на улици предвидени во Малиот ринг, особено подземните, но тој е подреден на проблематични насоки уште од Генералниот урбанистички план на Скопје. Сообраќајниот концепт на Скопје влече наследство од сообраќајните концепти од 1965 год., и треба да претрпи сериозни анализи и усогласување на современите насоки за решавање на градска сообраќајна мрежа. Во современите сообраќајни концепти сé повеќе се напушта концептот на хиерархија на градските сообраќајници и се враќа значењето на градски улици чии главни корисници се граѓаните, луѓето, а не како досега автомобилите. Во нашиот концепт сè уште автомобилот има приоритет и сè уште се цели кон брза евакуација на возилата, а не создавање пријатни улици за движење на луѓето. Сé додека и понатаму се дава предност на автомобилите во предлагањето на сообраќајни концепти за Скопје, градот, односно граѓаните ќе се чувствуваат непријатно при секојдневното движење низ градот. Планираните подземни сообраќајници, замислени за пренос на автомобилите преку јадрото на градот, во правец исток-запад, ќе создадат физички и естетски бариери на двата краја од влезовите и излезите од овие сообраќајници, а уште повеќе тие се исклучиво скапи решенија.
Сообраќајниот концепт на Скопје, навистина треба да претрпи сериозна промена, а особено на целите што се поставуваат при предлагање на решенија.
Јавни простори
Овој план е можеби најпроблематичен од аспект на третманот на јавните простори, кои секогаш претставуваат најголемо богатство на градот, особено на центарот на градот. Најголемиот проблем е узурпирање на овој простор со нови објекти. Претходно беа спомнати предвидените огромни катни гаражи, кои со исклучок на катната гаража кај ул. Даме Груев, сите се поставени во јавни простори кои служат за влез во некои значајни објекти, или како што беше кажано, покриваат некои значајни објекти, како кај Шалтер салата на Поштата.
Но, најголем проблем е поставувањето на објект во просторот пред влезот на Градски трговски центар. Овој мал плоштад е особено значаен јавен простор, со особени квалитети на пренос од еден простор во друг, во случајов од просторот пред Собраниската зграда и Жена-парк кон главниот плоштад, или обратно. Поставувањето на објект на самиот јавен простор е грубо кршење на сите планерски норамтиви. Објектот го блокира влезот-излезот, а и самиот тој нов објект е стуткан во еден несоодветен простор за градба. Сите знаеме дека проблемот е особено страшен затоа што се работи дури и за верски објект, на кој за жал му се дава тотално несоодветна лиокација, а уште на самиот почеток се поништуваат неговите идни квалитети и како објект и како симбол.
Покрај узурпирање и несоодветно третирање на јавните простори, кои градот и ги нема многу, со објекти, планот предвидува и неброени места за споменици. Веројатно во светот не постои понестручно и послучајно поставување на споменици каде било. Поставувањето на споменици побарува посебен урбанистички проект со суптилен пристап, каде и какви споменици би се поставиле, што тие ќе генерираат и каков блег ќе остават. Вака поставените споменици и фонтани според ДУП Мал Ринг, се само пародија и излишно е понатаму да се говори.
За жал, за ДУП Мал ринг, има уште многу што ПРОТИВ да се каже! Листата се чини бесконечна! Архитекти, планери, градски и општински татковци и нивни служби, ЗАМИСЛЕТЕ СЕ!!! До каде ќе одиме со уништувањето на градскиот пртостор?!