Асоцијацијата на архитекти на Македонија на архитектот Радован Раѓеновиќ му ја врачи наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело и достигнувања во архитектурата зa 2016 година.
Архитектот Мартин Пановски, претседател на ААМ, пред присутните во црквата Рождество на Пресвета Богородица Центар, рече дека годинешниот добитник на наградата „Андреја Дамјанов“, Радован Раѓеновиќ, е архитект во вистинска смисла на зборот. Човек кој живее од и за архитектурата. Неговиот богат архитектонски опус се состои од објекти и урбани интервенции кои се различни по својата функција и големина, но се единствени по современиот архитектонски израз кој го практикува Раѓеновиќ.
Според Пановски, Раѓеновиќ е дел од генерацијата македонски архитекти кои оставаат значаен печат на македонската архитектура на крајот на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век. Раѓеновиќ е еден од ретките архитекти кои успеаја да останат верни на сопствениот архитектонски израз и покрај општествените, социјалните и културолошките превирања во Македонија во последните 30 години.
Целокупното знаење и искуство, кое Радован Раѓеновиќ го стекнува како архитект во и надвор од Македонија, несебично ги пренесува на секој млад архитект.
Раѓеновиќ е активно вклучен во архитектонскиот дискурс не само преку работата како проектант, за која и ја заслужува оваа награда, туку и како член на Асоцијацијата на архитекти кој постојано се грижи за унапредувањето на македонската архитектура.
Со оваа награда, Пановски истакна дека Радован Раѓеновиќ го добива и заслуженото место во Архитектонската академија на ААМ, и таму ќе продолжи со активното залагање за напредок на македонската архитектура и македонските архитекти.
Архитектот Мартин Гулевски, претседател на Комисијата за доделување на наградата при ААМ, образложувајќи зошто токму Раѓеновиќ е годинашниот добитник, потсети дека неговиот труд е вграден во проектантските бироа „Алумина“ – Скопје, „Мавровопроект“- Скопје, „Технометал“ – Москва, „Будимекс“ – Л’вов, „Студио Р“ – Скопје… , кои се вистински влог во архитектурата на Република Македонија.
Архитектот Радован Раѓеновиќ има изразено разновиден и богат професионален творечки опус создаван во текот на последните пет децении.
Проектите и реализациите во областа на станбената архитектура, туризмот и угостителството, спортот, администрацијата, индустријата и културата, коишто Раѓеновиќ ги работел во разни проектантските бироа претставуваат сериозен влог во архитектонската практика на Р.Македонија.
Особен акцент заслужува неговата улога на раководител на претпријатието „Мавровопроект“ и несомнените заслуги за мобилизирање на квалитетни кадри проектанти, кои со своите реализации придонесуваа за развојот на архитектонската струка во Р. Македонија и за нејзина афирмација и угледно позиционирање надвор од нејзините граници, во Советскиот Сојуз, Југославија, Либија.
За комплексот „Запољарје“ во Сочи, Русија, архитектот Радован Раѓеновиќ е носител на признанието од Сојузот на друштвата на архитекти на Македонија за афирмација на македонската архитектура во странство во 1981/1982 година и диплома за труд од областа на урбанизмот, проектирањето, ентериерот и дизајнот во 1985 година.
За меморијалниот комплекс „Споменикот на слободата“ во Кочани, како коавтор, со уметникот Глигор Чемерски, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на повелбата Почесен граѓанин на Кочани.
За архитектот Раѓеновиќ, сега веќе покојниот Глигор Чемерски, член на МАНУ и почесен член на Руската академија на науки и уметности, во препораката за номинација на Раѓеновиќ за наградата објасни дека „тешко е да се избројат општините, градовите и државите во кои Раѓеновиќ оставил неизбришливи траги. Откако во 1972 година ги завршува постдипломските студии во ’Бауцентрум’, Ротердам, Холандија, тој и во пракса и по статус станува интернационален мајстор на архитектурата. Создавал дела во Македонија, Црна Гора, Србија, Украина, Чешка, Ирак, Грција, Либија, Азербејџан, Казахстан, Русија… “.
Пред присутните колеги, колешки, пријатели, почитувачи на неговото дело и роднини во црквата Рождество на Пресвета Богородица Центар, архитектот Радован Раѓеновиќ се заблагодари на наградата истакнувајќи дека ја чувствува како признание за пет децении работа и нагласи дека архитектурата им ја остава на младите на кои им советуваше дека треба да се обединат, посебно во вакви времиња, за да создаваат вистински вредности во архитектурата.