Во вторник (6 декември), во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток од 14 часот ќе се одржи годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија, на тема „Ликовната критика денес“.
„Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми“ како тематски концепт е замислен со намера да даде поттик да се проговори на прашањето и улогата на уметничката критика во времето на дигиталните медиуми и дигиталната уметност, како и на улогата на институциите од областа на современите визуелни уметности во ерата на дигиталните медиуми во однос на промоција и прикажување на современата уметност и ликовната критика.
Настанот е во организација на Управниот одбор на АICA Македонија.
Во рамки на програмата на симпозиумот ќе се одржи и доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика.
Оваа година добитник на наградата е ликовниот автор Велимир Жерновски за својот истражувачки проект „Шарена револуција!? (Контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)“.
Другиот дел од програмата ќе се состои од работна сесија насловена „Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми“, по концепт и модераторство на историчарката на уметност Нада Пешева.
Свои излагања во рамките на работната сесија ќе имаат Лазе Трипков, директор на НУ Музеј на современа уметност – Скопје и Дита Старова, директор на НУ Национална галерија на Македонија, на тема „Позицијата и улогата на националните установи од областа на современата уметност во контекст на „ексклузивноста“ на создавањето на ликовна критика во ерата на дигиталните медиуми“.
Исто така, со свои размислувања на овогодишната тема ќе учествуваат историчарите на уметност Билјана Петровска Исијанин, „Критичар ‘на збор’ или критичар ‘на дело’?“, Елена Вељановска, „Создавање простор за критичка култура“, Маја Чанкуловска – Михајловска, „Дали е можно (ре)дефинирање на музеите/галериите за современа уметност кај нас во скора иднина?“
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.