Во рамките на „Денови на македонската фотографија“, кои ги организира Фото Сојуз на Македонија, на 1 декември, во Чифте амам, во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Турска современа фотографија“ со наслов „10 автори, 10 мотиви“ во избор на Туна Акчај.
Најквалитетното од годишната фотопродукција се прикажува на централната манифестација „Денови на македонската фотографија“. Програмата на манифестацијата е замислена и реализирана како низа од активности: годишна национална изложба на фотографии, самостојна изложба на автори, фото-работилници…
Последните пет години добија и интернационален карактер, бидејќи се презентира и фотографското творештво на една од блиските земји. Во соработка со Турскиот културен институт „Јунуз Емре“ – Скопје, оваа година ќе биде презентиран дел од турската фотографска продукција, на изложбата со наслов „10 автори, 10 мотиви“.
На изложбата ќе бидат изложени фотографиите „Внатрешнина на џамиите“ на Џемил Шахин, „Кападокија“ на Хамит Јалчин, „Неокласицизам“ на Лејла Емектар, „Дервишите на Мека“ на Мемдух Екиџи, „Лица на три различни религии“ на Муамер Улутурк, „Ху… со љубов“ на Мустафа Бинол, „По трагите на Јуруците“ на Мустафа Ѓумуш, „Есен во Кастамонија“ на Суат Џумали Ѓунѓор, „Зима во западна Турција“ на Тајфун Чифтчи и „Естетска археологија и историја“ на Туна Акчај.