Студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, денеска ја почнаа тридневната студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР 2016.
– Со вакви настани студентите имаат можност да се вклучат и да размислуваат на темите опфатени со енергетската ефикасност и одржливиот развој. Организирањето на една ваква конференција не е едноставно и не би било возможно без поддршката од Факултетот за електротехника и информациски технологии, како и компаниите што застанаа зад конференцијата. Традиционално примарната цел на конференцијата останува иста, да биде мост кој ги поврзува студентите со компаниите и професорите, експерти во оваа област, – рече Андреј Станковски, еден од организаторите на Конференцијата.
За деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, енергетската ефикасност и одржливиот развој се меѓу најактуелните теми на кои се посветува сериозно внимание во светот.
– Сведоци сме на значителен напредок во енергетската ефикасност на електротехничките уреди, технологијата на материјалите и сé поголемото искористување на обновливите извори за енергија. Од друга страна, засегнати од штетните влијанија на фосилните горива врз животната средина, наша обврска е да работиме и истражуваме на ова поле, но и да придонесеме кон зголемување на еколошката свест за денешните и идните генерации, – вели Ташковски.
Според претставникот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Миле Станковски, оваа институција се грижи за образованието и за подигнувањето на нивото на инженерите.
– Работиме на доедукација на нашите членови, но и на подмладокот, на студентите. Затоа ги поддржуваме при организацијата на СКЕЕОР. Енергетската ефикасност е сé поактуелна тема и знаењата што треба да ги имаат студентите треба да се на светско ниво. Конференциите придонесуваат до зголемување на знаењата, иако тоа се прави и преку редовните студии и учество на европски и светски натпревари, – рече Станковски.
Ова е четврта година како се одржува оваа студентска конференција, а на неа учествуваат околу 50 учесници – студенти на додипломски и постдипломски студии со околу 30 трудови. Пријавени се и учесници од странство.