На 26 декември (14 часот) во Музејот на Град Скопје ќе се отвори изложбата „Археолошка изложба 2013“ (ретроспектива 2007- 2013) која традиционално се одржува во овој период од годината, како завршница од работата на археолошките наоѓалишта на македонската почва.
Оваа година, изложбата ќе биде ретроспективна и ќе ги прикаже вредните пронајдоци, кои почнувајќи од 2007 до 2013 година, беа откриени на локалитетите на територијата на Република Македонија и тоа: Хераклеја Линкестидска, Скупи, Вардарски Рид, Стоби, Кокино, Плаошник, Тетовско Кале (Балтепе), Градиште – с. Кнежје, Taurisium (Таор), Стибера, Св. Преображение – с. Зрзе, Цареви Кули, Исар – Штип, Баргала и Градиште – Неготино.
Повеќегодишните истражувања на овие локалитети беа составен дел од програмата на Владата на Република Македонија, а во координација со Министерство за култура-Управа за заштита на културното наследство беа реализирани од националните установи: Музеј на град Скопје, Заводите и Музеите од Охрид, Битола, Штип, Прилеп и Струмица, Музеј на Македонија, НУ Музеј Гевгелија, НУ Музеј – Куманово, НУ Стоби – Градско, Народен музеј – Свети Николе, Музеј на тетовскиот крај – Тетoво, како и со придружните активности на Националниот конзерваторски центар – Скопје.