Добро дојдовте во Picher, најотровниот напуштен град кој се наоѓа во Оклахома, САД. Некогаш овде се наоѓал најголемиот рудник за цинк во светот. По исцрпувањето на рудните резерви во 1970 година рударските компании го напуштаат местото, а со тоа секнува и изворот на егзистенција за локалното население. Но, рудникот оставил еден уште поголем проблем – токсичноста.
Гратчето го привлекува вниманието на јавноста уште во 1914 година, кога успешно одговара на зголемените потреби од муниција, прво во текот на Првата а подоцна и за време на Втората светска војна. Токму овој град има огромно влијание врз создавањето на појаки и водоотпорни метални легури, суплементи на база на цинк за медицински цели, како и подобри батерии. Цинкот е 24-тиот најзастепен хемиски елемент во светот. Луѓето го користеле уште од најстари времиња бидејќи е значаен не само за индустриски цели туку и за човечкиот организам.
Во текот на златните години на рудникот, градот доживува голем пораст на населението и економски раст. Но, дури децении подоцна почнале да се појавуваат првите сериозни здравствени проблеми. Промените најпрво се забележани кај децата што се капеле во близина на веќе напуштениот рудник, кои добивале благи изгореници од водите полни со каустични хемикалии. Штетата одамна била направена, но за жал, кога се појавиле проблемите рударските компании од кои требало да се бара одговорност биле веќе банкротирани или затворени.
Денес Picher е мртов град. Сите жители на градот се иселени по наредба од властите во 2009.