Повеќе невладини здруженија објавија нови статистички податоци кои покажуваат дека Југоисточна Европа остварува напредок во насока на зголемување на одржливоста во енергетскиот сектор, но истиот е прилично нерамномерен од земја до земја. Емисиите на CO2, загубите на електрична енергија и енергетската интензивност бележат пад во најголем број од земјите во овој регион, но забележан е мал напредок во зголемување на уделот на соларната енергија и енергијата од ветерот, како и во борбата против корупцијата.
Статистиката се однесува на седум држави – Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Емисиите на јаглероден диоксид по жител, предизвикани од согорувањето на фосилните горива се намалиле помеѓу 2010 и 2014 година во сите земји освен во Босна и Херцеговина и Албанија. Меѓутоа, постои можност падот на нивото на емисиите во Србија да е предизвикан со поплавите во 2014 година. Хрватска користи највеќе енергија од сонце и ветер во регионот. Загубите во преносот и дистрибуцијата на електрична енергија во периодот 2010 – 2015 година се намалиле во сите земји освен во Албанија. Косово највеќе зависи од јагленот кој во 2014 година има генерирано 97% од електричната енергија во земјата. Македонија и Србија се на второ односно трето место според електричната енергија добиена од јаглен, чиј удел за истата година изнесува 69,5% односно 64,8% соодветно. Во споредба со тоа, ЕУ во 2014 година остварила само 26,3% производство на електрична енергија од јаглен. Енергетската интензивност – количина на енергија потрошена по единица БДП, исто така бележи пад во сите земји во периодот 2010-2014, освен во Босна и Херцеговина и Албанија.
Во периодот 2010-2015, сите земји забележале подобрување во однос на индексот за перцепција на корупцијата на Transparency International, освен Македонија и Албанија.
„Утешно звучи фактот, што речиси сите земји од регионот имаат потенцијал да го намалат користењето на фосилните горива, но истовремено треба да загрижува опасноста некои земји да бидат и правно одговорни поради подпросечните резултати, доколку не се имплементираат ургентни мерки“, коментира Драгана Милеусниќ од организацијата Climate Action Network Europe. Извештајот е достапен на следниот линк: http://seechangenetwork.org/sustainable-energy-how-far-has-see-come-in-the-last-five-years-south-east-europe-energy-watchdog-report-2016/