Насловна / Вести / Универзални модели не постојат

Универзални модели не постојат

Дизајнот на ентериери е дел од еден долготраен и сложен процес, преку кој се создаваат различни типови на архитектонски простори за да задоволат разни потреби на човекот од аспект на живеење, работа, рекреација и одмор. Секој акт на нивна изградба се состои од идеја за зграда или простор, планирање или формулирање на потреба, изработка на концепт за тоа каква би можела да биде зградата или просторот, изработка на изведбена документација и, на крај, изведба на потребниот објект.

Во процесот на дизајнирање се креира одреден вид, модел на претставување на симулирана претстава на зградата или ентериерниот простор, врз кој се применуваат разни методи на експериментирање со формата и организацијата преку разни графички и визуелни медиуми, за да на крај се добие конечна реална градба во форма на зграда или ентериерен простор.porta3-11del-01

Според Бил Хилиер (Bill Hillier, 2008), процесот во кој се истражува, во кој се креираат претстави и идеи на остварливи концепти за згради или ентериерни простори, претставува дизајн. Дизајнерите и архитектите токму тоа и го работат, иако никој не исклучува и неархитекти да се занимаваат со ваква активност, што, кога станува збор за ентериери, се случува секаде околу нас.

Важноста и сеприсутноста на дизајнот во животот на човекот го потенцира и индустрискиот дизајнер и теоретичар Виктор Папанек (Victor Papanek) во својата книга „Дизајн за реалниот свет“ (1972), објаснувајќи дека, во суштина, секој човек е еден вид дизајнер. Тврдењето го базира врз сознанието дека луѓето секоја своја активност ја планираат и ја изведуваат по одреден модел или шема, сопствен или почесто преземен од општествената средина, сè до посакуваниот или планиран крај, што во крајна линија претставува, иако рудиментиран, еден вид на дизајн процес. Според него, дизајнот е примарен матрикс на животот. Со негова помош, односно со помош на свесниот и интуитивен напор, човекот се обидува да наметне смислен поредок во својата средина, се разбира, како физичка така и социјална. Така што дизајнот како процес претставува систем, кој е нераскинлив дел од еден покомплексен – суперсистем, како што е општеството. Ваквиот творечки процес, кој заради нараснатите потреби на современиот човек, претставува јасно дефиниран систем на постапки и методи во изнаоѓање на најприфатливо решение на еден проектантски проблем.

Една од задачите на дизајнирањето е да се дојде најблиску до „идеалните“ решенија кои би биле утилитарни за најголем број на различни интереси. Барањето на т.н. „идеална“ состојба е и најсложениот момент на дизајнирањето, затоа што готови универзални модели не постојат. Секоја нова задача претставува предизвик за истражување и оформување на соодветен модел, кој во себе вклучува огромен број на рационални и ирационални чинители и претходни искуства преточени во соодветна регулатива (стандарди, принципи и нормативи).

Еден друг автор, архитектот Франсис Чинг (Ching, Francis, 2012) го дефинира дизајнот на ентериери, едноставно, преку активностите или процесите какви што се планирање, распоред, и дизајн на внатрешните простори во зградите. Како резултат на овие процеси, се остварува физички аранжман на различните елементи кои ги задоволуваат, прво, човековите основни потреби за засолниште и заштита, за потоа, да ги обликува неговите активности, да ги реализира аспирациите, да ги изрази идеите што ги придружуваат неговите активности и да влијаат врз човековиот изглед, расположение и индивидуалност.

Да се дизајнира значи да се реализира интелектуален концепт или идеја по пат на  имплементирање на зададена задача или програма во просторно организирана форма, или во психолошки и физички прифатлива форма. Прелиминарните цели на дизајнот на ентериери е зголемувањето на функционалноста – задоволување на функционалните барања; естетското збогатување – задоволување на естетскиот имиџ и стил, и психолошко подобрување на квалитетот на животот во внатрешните простори – задоволување на психолошките стимули и значења. Велиме дека дизајнот на ентериерот, или кој било друг тип на дизајн, претставува процес кој воопшто не е континуиран, ниту е линеарна серија на постапки, ниту пак е еднонасочен. Искуството вели дека тој систематски постапно се гради како цикличен и итерактивен, во кој постапноста на деталните анализи, синтези и евалуации на достапните информации, и можните решенија се повторуваат сè до успешно вклопување на она што се посакува да се постигне и на она што е постојно.porta3-11del-02

Процесот на дизајнирање се обидува да ги реши проблемите со користење на  креативност, знаења од техничките дисциплини, но и визуелна естетика. Креативноста треба да се разбере како способност на поединецот – дизајнерот, да го реши проблемот на нов имагинативен начин кој ќе биде порационален и поефикасен од постојниот, а исто така и да ги предвиди можните проблеми кои би се појавиле во иднина. Притоа, тој треба да употреби научни и технички знаења за да реализира производ кој ќе биде функционален, економичен, но и ергономичен и, на крајот, естетски допадлив со што ќе ги задоволи психофизичките и културно-социјалните аспекти, како би се остварил непосредниот контакт помеѓу просторот и човекот како негов краен корисник. Ваквиот резултат и не е така едноставен, зашто корисникот како предмет на дизајнерскиот процес претставува отелотворување на комплексот на особини, што произлегува од разноликоста на културите што се генерираат од традициите на општествата ширум светот.

Знаењето (науката), техниката (техничките и технолошките дисциплини) и вештината (талент, способност и обученост) со кои треба да се исполнат сите овие барања и очекувања на одредена група корисници, се главните проблеми на дизајнерите во секој проект. Сите релевантни аспекти кои на директен или индиректен начин го тангираат дизајнот, треба да бидат подложени на критичко преиспитување пред да се изрази став во однос на конечното решение на дизајнерскиот процес, токму заради комплексноста на влезните параметри. За да се исполни ваквата сложена задача, дизајнерот во дизајнерскиот процес применува одредени средства на дизајнот какви што се: рационален репертоар на решенија за специфични проблеми и процеси на човековиот живот; и социјална релевантност – вредноста на дизајнот се базира врз односот помеѓу корисникот и просторот, интеракција во која просторната перцепција и просторното доживување го активираат однесувањето на луѓето.porta3-11del-03

Со помош на наведените средства, процесот на дизајн ќе може да ја исполни својата цел – да ги организира сите делови во кохерентна целина преку тридимензионални композиции аранжирани според функционалните, естетските и бихејвиористичките насоки или потреби. Во овие функционално-естетски просторни композиции, деловите, или елементите, воспоставуваат одредени модели на релации со кои се одредуваат визуелните квалитети на просторот според кои ние го препознаваме и дефинираме истиот, за  потоа да можеме соодветно и удобно да го користиме.

Ако дизајнирањето на просторот значи еден вид поредок на интеррелациите (меѓусебните односи) помеѓу ентериерот и луѓето, тогаш треба да се направи дистинкција помеѓу формалните и функционалните аспекти на ентериерот. Формалните аспекти го дефинираат просторот каков што е, каква што е неговата архитектонска структура. Функционалните аспекти го дефинираат просторот во однос на задачата што треба да се исполни, со други зборови, употребливоста на просторот изразена преку неговите перформанси за задоволувањето на потребите (Papanek, 1972).

Од особено значење за процесот на дизајнирање во архитектурата и ентериерот, имаат следните средства кои се користат: карактеристиките на елементите (квантитативно-квалитативни и тополошки); релациите помеѓу елементите (директно произлегуваат од нивниот распоред и од просторот во кој се поставени); релациите помеѓу елементите и луѓето (поредокот ги остварува релациите исто така квантитативно преку капацитетот и квалитативно преку ефикасноста  и комфорноста).

Единствено со присуство на елементи кои се меѓусебно диференцирани, просторот има потенцијал да стане ентериерно дизајниран простор т.е. ентериер. Вториот услов за да се воспостави ентериер, е да се аранжираат елементите така што ќе воспостават меѓусебен однос кој претставува потенцијал за одвивање на функции – употреба на просторот од страна на луѓето. И на крај, за да просторот во целина претставува ентериер, треба да се воспостават релации помеѓу елементите и луѓето, кои пак се предуслов за интерперсоналните активности одредени со претходно споменатите релации. Еден тип на елементи на дизајнот го одредуваат работниот простор и неговата можност за користење, а друг тип во вид на предмети човекот ги употребува при работа или се околу него за да ја зацврснат неговата ориентација и идентитет. Едните се алатки, другите опрема, мебел, артефакти. Елементите во форма на предмети во просторот, сите горенаведени, не се само прости предмети, туку вистински предмети, вклучени во стварноста која непрекинато ја менуваат и повторно ја создаваат, како што постојано се менува и повторно се создава структурата на општественото тело.

Пишува: проф. д-р Мишко Ралев,

Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

Испрати коментар

Scroll To Top