Архитектурата и градежништвото се области во кои тешко и бавно се прифаќаат новите технологии. Организационата структура и високите финансиски трошоци секако придонесуваат за тоа, па често креативноста на архитектите е лимитирана. Но, некои архитектонски компании го користат максимално својот интернационален профил и успех во поддршката на своите креативни тимови за развој на нови идеи и концепти во архитектурата. Следните пет компании се истрајни во намерата да предизвикаат револуција во модерната архитектура.
BIG | Bjarke Ingels Group
Една од најиновативните компании е пример за одржување на чекор со поп културата и новите бизнис трендови. Основачот Bjarke Ingels е претприемачки тип на архитект кој континуирано инвестира во иновативноста. Во 2014 година основан е посебен оддел BIG Ideas, кој дејствува како истражувачка архитектонска лабораторија.
SHoP Architects
Се работи за една од 10-те најголеми архитектонски компании во Њујорк. Основана е во 1996 година, и преку својот пристап се обидуваат да го редефинираат начинот на кој се практикува архитектурата. Ја истакнуваат улогата на архитектот во процесот на развој на проектот и потребата за негова поголема автономија, но со истовремено намалување на трошоците за изведба преку примена на иновативни решенија.
Perkins + Will
Една од водечките компании во САД ориентирани кон дизајн кој ќе ги задоволи барањата на биоклиматизмот и високите перформанси. Организираат годишен конкурс на кој талентираните проектанти се охрабрени да експериментираат. Најдобрите решенија подоцна се развиваат преку т.н. „Инкубатор за иновативност“.
NBBJ
Компанијата со седиште во Сиетл, САД, разви своја платформа за интегрирање на виртуелната реалност со процесот на проектирање (Visual Vocal). На овој начин компанијата смета дека ќе ја олесни соработката и комуникацијата меѓу проектантите, но и комуникацијата со клиентите. Се очекува оваа платформа да ја истисне класичната комуникација преку е-маил во рамките на компанијата.
HOK
Се залага за био инспирирани архитектонски концепти, со минимален импакт врз животната средина. Компанијата е една од најактивните корисници на социјалните медиуми во рамките на архитектионската индустрија со цел да биде флексибилна и да ги апсорбира различните културни и технолошки поместувања.