Насловна / Вести / Нови авторски презентации на „Платформ(а) за современи изведувачки уметности“

Нови авторски презентации на „Платформ(а) за современи изведувачки уметности“

Денеска, во „Кино култура“ од 18.30 до 19.30 часот, во рамки на проектот ГПС, како соработка помеѓу САД и Источна Европа во полето на современиот танц и перформанс, ќе има презентација на работата на Леви Гонзалес и Мариана Валенсиja, уметници од Њујорк.

„Локомотива“ и Факултетот за музичка уметност (претставени од Биљана Тануровска-Ќулавковски и Искра Шукарова), се домаќини на овие двајца уметници.

perfo

Гонзалес ќе споделува дел од неговото тековно уметничко истражување во формат на перформанс/предавање, како и неформално споделување на неговата долга историја со организацијата базирана во Њујорк – Movement Research, влијанието што го имала врз него како и заедниците што ги опфаќа. Тој, исто така, гледа позитивно на можностите да биде во студио заедно со други уметници и да споделува креативна практика и дијалог.

Валенсија ја истражува нејзината перформативна работа од дневникот на лични наративи кои опфаќаат етнографија, мемоари и опсервирање на нејзините крос-културни идентификатори. Таа гледа кон историјата на урбани простори и ги става во реалција со нејзините искуства со приградските населби, селата и замислените површини. Од овие опсервации кои се фактички, хумористични и сериозни, Маријана Валенсија ја отцртува рамката од каде што таа се идентификува.

Пребарувачкиот корен на Маријана во овие изведбени текстови е „Јас не сум сигурна кој ќе ја напише историјата за мене; па затоа јас ја започнувам сега, за подоцна да имаат добри белешки“. Таа ги изведува овие вињети во форма на албум, како описни слики и како музички албум, за да ја информира публиката која е таа и зошто. Ова дело создрава експресивен лак кој ги поврзува текстот, танцот и песната.iskra-sukarova

Искра Шукарова

Вонреден професор д-р Искра Шукарова (ФМУ/УКИМ) во сесијата од 19.30 до 21 часот ќе ја презентира својата работа, како еден од основачите на современата танцова сцена во Македонија. Шукарова како кореограф ќе ги сподели нејзините искуства поврзани со танцовата практика и теорија, преку нејзината работа со Ана Вујановиќ, со која имаат реализирано неколку соработки во релацијата кореограф/драматург. Преку презентација на делата „Формула“, „Сфинга“ и „Техники на манипулација на движење“, Шукарова ќе даде аспекти на соработка со драматургот Вујановиќ прикажувајќи ја релацијата кореограф/драматург. Презентацијата на Искра Шукарова се реализира во рамките на проектот „Critical practice – Made in YU“.

Со почеток во 21 часот ќе има проекција на филмот „City Lights“ од Чарли Чаплин со музика за филмот од Дарко Јорданов/Дј-сет.

„Платформ(а) за современи изведувачки уметности“ е нова програма на „Локомотива“, како дел од „Кино Култура“ – простор за современи изведувачки уметности и современа култура, и еден чекор напред во напорите за поттикнување на развојот на современите изведувачки уметности во Македонија. Октомвриската програма на „Платформ(а)“ се реализира од 26 до 30 октомври, во „Кино Култура“.

Програмата за октомври е креирана во соработка помеѓу Биљана Тануровска Ќулавковски, Виолета Качакова, Климент Попоски, Сабрина Железник, Елена Ристеска, Павле Игновски, Филип Јовановски, Ивана Васева и Софија Гошева Чоланчевска.

Организатор на „Платформ(а)“ е „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата во соработка со „Театар на Навигаторот Цветко“ преку проектот „Кино Култура“ – простор за современи изведувачки уметности и современа култура. Партнери се ФРУ – Факултет за работи што не се учат и „Сината птица“.

„Платформ(а)“ е поддржана од Општина Центар преку проектот „Кино Култура“ и се реализира во соработка со „Кооператива“ – регионална платформа за култура, Фондација „Фридрих Еберт“ – Канцеларија Скопје, Еуростандард Банка А.Д Скопје, Осигурување Македонија а.д. Скопје – Виена Иншуренс Гру, Хотел „Мериот“ – Скопје, GPS/Global Practice Sharing и Балкански фонд за култура и уметност.

Испрати коментар

Scroll To Top