Изложба под наслов „Пикасо можеби јас“ од македонскиот уметник Филип Фидановски беше отворена во Музеј на Град Скопје, по повод 135 години од раѓањето на Пабло Пикасо, а под покровителство на амбасадата на Шпанија во Скопје.
Изложбата, која ќе може да се види до 7 ноември годинава, ја отвори шпанскиот амбасадор во Македонија Рамон Абароа Каранса.
На изложбата се претставени 13 скулптури изработени во стандардна керамичка техника, енгоба и глазура, печени на 1100 Целзиусови степени, како и една скулптура изработена во порцелан. Филип Фидановски е роден во Скопје во 1977 година. Дипломирал во 2002 година на одделот за керамика и магистрирал во 2006 година на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Во периодот 2003 – 2008 година работи како доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од 2008 година е професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје. Од 1995 до 2015 година учествувал на 43 групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, а има и тринаесетина самостојни изложби. Учествувал на голем број уметнички симпозиуми во Македонија и странство.