Охрид на петто место од 10 за најдобар град за патување во светот за 2017 година, прогласен од најсилниот бренд во туризмот со масивна публика низ целиот свет – Lonely Planet.
Како што соопштија од Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Охрид е дел од публикацијата Best in Travel 2017, принтана едиција, која претставува основа за љубителите на патувањето повеќе од 40 години.
– Респектираниот водич, кој е најсилен бренд во оваа индустрија, се издава еднаш годишно, потенцирајќи ги дестинациите што ќе бидат „најжешки“ во годината што следи. За сето ова да добие на кредибилност, секоја година интернационален тим од Lonely Planet, составен од експерти за патување, автори, уредници и селектирана група од туристичката заедница, препорачуваат топ 10 земји, топ 10 градови и топ 10 региони за годината, – информираат од Агенцијата.
Во водичот е наведено дека во Охрид ќе ги видите старите жени облечени во црно како носат производи кон дома набавени од пазарот и разговараат со пријатели на древните улици, додека во заднина ѕвонат црковните ѕвона. Познатите цркви кои го одбележуваат стариот град и областите околку него, феноменално сведочат за преживеаните. Света Софија е градба која датира од 11 век и во неа има фрески од Византиско време кои се уште може да се видат во апсидата, додека црквата Свети Јован на Канео е една од најфотографираните места на Балканот, со својата прекрасна силуета врамена во водата на Охридско Еезеро во заднина.
Охрид го доби петтото место меѓу градовите Бордо кој е на првата позиција, втор е Кејп Таун – Јужна Африка, трет Лос Анџелес од Калифорнија, Мерида од Мексико на четврто место, шести е Пистоиа од Италија, потоа Сеул, Лисабон, Москва и Портланд.
– Покрај тоа што Охрид ќе го дознаат страствените љубители на туризмот кои се публика на овој бренд, ексклузивата доаѓа со тоа што оваа едиција е проследена со огромна медиумска кампања низ целиот свет. За оваа година, оваа масивна рекламна кампања што ќе ја добие Охрид, ќе биде збогатена со реклама на нови социјални алатки како InstaWalks, G+Hangouts on Air и Tweeter chats, а со тоа се предвидува да оствари медиумска кампања, што според проценка на Lonely Planet би ја чинела Македонија повеќе од шест милиони фунти, – изјави директорката на Агенцијата Лела Крстевска.
Принтаната едиција ќе биде достапна во електронска форма на шестте интернационални интернет-страници на Lonely Planet и преведена на сите јазици, вклучително и нејзина дистрибуција низ целиот свет.
Со прогласувањето на Охрид од страна на Lonely Planet за еден од најдобрите 10 градови во 2017 година, Македонија доби неограничени можности за развој на брендот и креирање на лојалност на туристите преку децениското искуство на искусните патувачи на Lonely Planet, овој пат инспирирани од незаборавното искуство во Охрид, Македонија.