Во организација на Хрватското здружение на ликовни уметници и ликовни критичари, во Музејот Пригорје во Загреб, во четврток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Фемининологија“, со дела на женски автори од Р. Хрватска и од Р. Македонија.
На изложбата ќе се претстават: Гордана Бакиќ, Мерцедес Братош, Ивона Јуриќ Кљајо и Кораљка Ковач, Јана Манева Чупоска, Наташа Милованчев и Гордана Вренцоска.
Македонските авторки Манева Чупоска, Милованчев и Вренцоска во изложбата учествуваат по покана на кураторката Санда Станачев Бајзек, а во реализацијата на проектот помогнаа Друштвото на ликовни уметници од Македонија и Македонската заедница во Р. Хрватска.
Изложбата претставува визуелни уметници, чие творештво во целост или во сегменти го акцептира нивниот повеќеслоен идентитет, бројните стереотипови и архетипови на женскоста, и кое пробува да продре во женскиот дух, и преку уметноста да трага за нејзината вистинска улога и значење во општеството во кое живееме.
Во план е изложбата да се претстави и во Р. Македонија.