Насловна / Вести / Конференција „КАЛЕ, КУЛТУРНА ТВРДИНА“ и изложба „СКУЛПТУРАЛНО“ во МСУ

Конференција „КАЛЕ, КУЛТУРНА ТВРДИНА“ и изложба „СКУЛПТУРАЛНО“ во МСУ

Кале, едно од четирите брда околу кои се простира урбаното ткиво на Скопје, е во фокусот на два проекти на НУ Музеј на современата уметност: „КАЛЕ, КУЛТУРНА ТВРДИНА“, петок (7 октомври) и „СКУЛПТУРАЛНО“, сабота (8 октомври).

Свртувајќи го вниманието на неоткриените вредности содржани во големото и речиси потполно запуштено пространство, кое лебди над крововите и панорамата на Скопје, Музејот на современата уметност сака да предупреди на опасностите од кои Калето би можело многу брзо да прерасне во уште една жртва на агресивниот турбо капитализам, но и да трасира идеи и насоки за уредувањето на овој извонредно драгоцен јавен простор во името на општиот интерес на граѓаните на Скопје.skulpturalno-msu-kale

„Кале, културна тврдина“ се занимава со архитектонско-урбанистичките аспекти на централното скопско брдо во потегот од тврдината до француските гробишта. Во постоечката ситуација, Калето го обележуваат две големи културни зданија: Средновековната тврдина и Музејот на современата уметност. Но и покрај нивните потенцијали за комплексна културна, едукативна, туристичка и рекративна понуда, Калето и овие зданија постојат во меѓусебно изолирани простори, со големи површини на дива и непристапна зелена површина, неадекватни привремени градби и, со еден збор, без соодветно урбанизирана содржина. Проектот „Кале, културна тврдина“ е насочен кон барањето идејни решенија кои би ги поставиле основите за трансформација на Калето во едно гравитациски силно културно средиште. Проектот се состои од:

Конференција во која учествуваат Влатко П. Коробар од Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ: „Калето – град помеѓу градови“ (локалитетот Кале и неговиот простор во планската документација на градот Скопје; место, улога и значење); Дамјан Цингарски, архитект, вработен во општина Центар: „Локалната самоуправа и просторот на Калето“ (актуелните општински политики за просторот на Калето); Аљоша Шопар, архитект, вработен во Град Скопје: „Калето на градот“ (актуелните градски политики за просторот на Калето); Ана Ивановска Дескова, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ: „За вредноста на објектот на МСУ и неговата околина“; Јован Ивановски, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ: проследено со кратки излагања на студентите учесници во истражувањето: „Проектански стратегии за Калето“; Мароје Мрдуљаш, архитект, уредник на магазинот за архитектура и култура – ОРИС; Загреб, Р. Хрватска: „За културните институции и нивните контексти во Хрватска“; Лучезар Бојаџиев, ликовен уметник кој работи со лични толкувања на општествените процеси, со градската визуелност и интервенции во јавниот простор, а се изразува преку инсталации, фотографии, објекти, цртежи, видео и перформативни предавања; Софија, Р. Бугарија: „Места на мудроста“.

Изложба на магистерски и додипломски трудови на оваа тема одбранети на Архитектонски факултет во Скопје. (07 – 17 октомври, 2016);

Меѓународен конкурс за помлади архитекти за идејни решенија на оваа тема: ноември 2016 – февруари 2017

Куратори на проектот се Зоран Петровски и Јован Ивановски.

Вториот проект посветен на скопското Кале, насловен е „Скулптурално“ и опфаќа осум скулпторски и site-specific инсталации во околината на Музејот на современата уметност. Како што упатува насловот, изложбата поаѓа од скулпторскиот медиум и истражувањето на неговите можности за интеракција и за обликување на отворениот јавен простор. Проектот е во извесна смисла потсетување на успешните и популарни „Интервенции во простор“ кои во неколку наврати беа организирани во МСУ во средината на 1980-те години под водство на Симон Шемов и Кочо Фидановски. Целта на „Скулптурално“ е да го иницира користењето и во иднина како редовна манифестација или во вид на поединечни проекти музејскиот парк и поширокиот простор на Калето за ефемерни скулпторски, архитектонски или мултимедијални проекти.

На изложбата се застапени следните уметници: Петар Хаџи Бошков, Симон Шемов, Јован Шумковски, Нада Прља, арх. Даниел Серафимовски, арх. Дејан Ивановски, Игор Тошевски и парот ОПА, односно Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска.

Исто така, ќе има и предавање Christo & Jeanne-Claude: Beauty is Yours, Money is Ours, Publicity is for All, на Лучезар Бојаџиев за уметноста на Кристо и Жан-Клод по повод отворањето на изложбата „Скулптурално“.

Изложбата се отвора во 12 часот, а куратори на изложбата се Зоран Петровски и Јован Ивановски.

 

Испрати коментар

Scroll To Top