Осло – Светот до 2050 година би можел да добие 95 отсто електрична енергија од обновливи извори, а САД би ги сноселе околу третина од трошоците на толку драстичниот преод од фосилни горива, се наведува во најновиот извештај на Гринпис и Европскиот совет за обновлива енергија (ЕРЕЦ).
За да се остварат овие цели глобалните инвестиции во енергетиката до 2030 година би требало да достигнат 18 билиони долари – што е околу пет пати повеќе од федералниот буџет на САД за наредната година.
Од друга страна, според прогнозите на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и без амбициозниот преод предвиден со последниот извештај, за светскиот сектор на енергетика до 2030 година ќе бидат потребни инвестиции во висина од 11,3 билиони долари за да се задоволат растечките потреби.
При тоа, фосилните горива во проекциите на ИЕА и за 20 години би имале доминантен удел на енергетскиот сектор.
Моментално во светот од обновливи извори се добива околу 18 отсто електрична енергија. Постои општ напор кај државите тој удел да се зголеми за да се намали емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, а и за да се задоволат растечките потреби на човештвото со оглед на тоа дека резервите на фосилните горива се се помали.
Свен Теске, водечкиот автор на извештајот на Гринпис и ЕРЕЦ, истакнува дека светот би имал долгорочна економска корист од укинување на субвенциите за фосилни горива како и од фактот дека „инпутите“ во обновливата електрична енергија – како што се ветарот и геотермалната енергија – се бесплатни.
Теске објаснува дека почетните трошоци во експанзијата на користење обновливи извори на енергија се големи заради тоа што таквото насочување подразбира повеќе човечки труд.
Сметката за овој преод треба да ја сносат државите во светот во зависност од одговорноста за емисија на гасови со ефект на стаклена градина, нагласува Теске.
Така САД во оваа година би покриле 36,6 отсто од трошоците за планираниот преод, додека до 2030 година нивниот удел во трошоците би опаднал на 28,9 отсто.
Од друга страна Кина во наредните години би покривала само 4,3 отсто од трошоците, а во 2030 година 13,6 отсто со оглед на тоа што е посиромашна и има кусо индустриско минато, независно од тоа што Кинезите моментално се пред САД по емисија на загадувачки гасови во атмосферата.
Авторите на извештаите предвидуваат и укинување на нуклеарни извори на електрична енергија и истакнуваат дека планираниот преод би довел до тоа да до 2030 година од околу 12 милиони вработени на глобалниот енергетски сектор, дури 8,5 милиони да работат во областа на обновливата енергија. Доколку работите останат такви како што се, таа година во секторот за енергетика во светот би имало само 8,7 милиони вработени од кои само 2,4 милиони во секторот за обновлива енергија.
Претставници на околу 185 земји во светот од 31 мај до 11 јуни преговарат во Бон за новиот договор за климата под покровителство на ОН, со оглед на тоа што на Самитот во Копенхаген во декември минатата година, не е постигнат обврзувачки договор за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. (МИА)