Вечерва, во 19 часот, во Дом на АРМ, ќе бидат отворени изложбите „Пристапност“ и „Дизајн за достоинствен живот“. Изложбите се во организација на Амбасадата на Шведска, а во соработка со Шведскиот институт.
– Со отворањето на изложбите, изложбениот простор и концертната сала на Домот на Армијата првпат стануваат пристапни за лицата со посебни потреби, бидејќи вечерва во употреба ќе биде ставена донираната пристапна рампа – соопштија од Амбасадата на Кралството Шведска.
На изложбата „Пристапност“ се прикажани фотопортрети на 14 Швеѓани со посебни потреби, снимени од фотографот Маркус Марчетиќ, како и портрети на 11 Македонци од фотографот Томислав Георгиев. Нивните приказни се раскажани од Рикард Лагерберг и од Небојша Илијевски.
Изложбата „Дизајн за достоинствен живот“, пак, содржи 22 иновативни решенија наменети да им го олеснат животот на лицата со посебни потреби и на нивните негуватели. Тие опфаќаат од екстралесни колички и пристапни рампи, преку ИТ-решенија и приспособени друштвени игри, до специјално дизајнирани пакувања и прибор за јадење.
Изложбата ќе биде отворена до 16 октомври.