Енергетската ефикасност е еден од предусловите за стабилна економија и одржлив развој. Равиените земји веќе од поодамна посветуваат сериозно внимание на ова прашање и имаат остварено значајни резултати, со што имаат секогаш подобра позиција на исклучително компетитивниот глобален пазар.
За жал, Македонија и регионот години наназад се карактеризираат со нерационално трошење на енергијата, ниско ниво на свест за овие прашања, користење на електричната енергија за греење во голем процент, висока енергетска интензивност и слични специфики.
По дефиниција, енергетската интензивност значи колку енергија се троши за обезбедување на бруто домашен производ од 1.000 УСД. Според тоа, секоја земја треба да се стреми да троши помалку енергија за производство на каква било стока или услуга. За жал, енергијата што се троши во Македонија за еден производ, во земјите од ЕУ ќе биде искористена за производство на четири идентични производи. Соодносот е 1:4. Дури и во регионот сме на дното според нерационална потрошувачка на енергија, заедно со Србија.
Сепак, во последниот период бележиме одредени позитивни поместувања. Градежниот сектор веќе почна да обрнува внимание на енергетските карактеристики на зградите, а обврските од областа на енергетската ефикасност на зградите се преточени и во подзаконски акт. Што се однесува до индустријата, во мај 2015 започна да се спроведува еден проект кој навистина го привлече интересот на компаниите.
Имено, РЕЦ (Регионалниот Центар за животна средина) е одговорен за спроведување во Македонија на проектот на GEF-UNIDO (Global Environmental Fund – United nations Industrial Development Organization) „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“.
Финансирањето е обезбедено преку грант на Глобалниот еколошки фонд (GEF) во износ од 1.400.000 САД долари, а контрибуција во износ од 5.900.000 САД долари е обезбедена од страна на UNIDO, РЕЦ, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за економија, Агенцијата за енергетика, компаниите што досега пријавиле учество, USAID и Македонската банка за поддршка на развојот. Проектот ќе трае до август 2018 година.
Целта на проектот е забрзување на трансформацијата на пазарот на услуги за енергетска ефикасност во индустријата преку зголемување на побарувачката и користењето на најдобри достапни практики и технологии (како на пример системот за управување со енергија во согласност со стандардот ISO 50001:2011), и подобрување на понудата на консултантски услуги од оваа област. Во проектот учествуваат следните компании: АД ЕЛЕМ (Подружница Енергетика и Подружница РЕК Битола), МИТАЛ СТИЛ Арчелор Митал, Џонсон Мети, АД Макстил, Вардар Доломит Гостивар, ЈОКА Струмица, АД Мепсо, ЈКП Комуналец Струмица, АД Пивара Скопје, КНАУФ Радика Дебар, Технолошко Металуршки факултет Скопје, и Алтра Кавадарци.
Проектот се состои од три компоненти:
Компонента 1 – Зајакнување на политиките и законодавството за енергетска ефикасност во индустријата и зелени технологии
Со оваа компонента ќе се изработат законски и подзаконски решенија кои ќе создадат услови за зголемена енергетска ефикасност во индустријата. Исто така ќе се таргетираат службени лица од надлежните институции кои ќе добијат соодветна обука, што би придонело кон подигање на нивото на значењето на енергетската ефикасност во индустријата и би се зголемил обемот на мерки спроведени од страна на државата и/или донаторската заедница.
Компонента 2 – Поддршка на пазарот за примена на најдобри практики и технологии за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на индустриските компании
Со оваа компонента ќе се обезбеди примена на мерки за енергетска ефикасност во индустријата преку примена на систем за управување со енергија во согласност со стандардот ISO 50001:2011, како и спроведување на најдобри достапни практики за намалување на потрошувачката на енергија. Компонентата влијае на побарувачката и понудата на услуги за енергетска ефикасност на пазарот. Притоа ќе се подобрат знаењата, вештините и стручноста на националните експерти за енергетска ефикасност; дополнително, ќе се обучат раководството и стручните лица на компаниите што ќе спроведуваат конкретни мерки за намалување на потрошувачката на енергија во однос на оптимизација на технологијата и подобрување на организационата поставеност. Обуките ќе бидат по принцип „Обука-на-обучувачи“.
Компонента 3 – Зголемени инвестиции во технологии за енергетска ефикасност во индустријата
Со оваа компонента ќе се влијае на зголемена стапка на инвестиции во проекти и технологии за енергетска ефикасност во индустријата. Интервенциите ќе опфатат мерки за зголемување на достапноста и обемот на кредити за енергетска ефикасност. Ќе се обезбеди помош при изработката на одржливи и приоритетни проекти за енергетска ефикасност во индустријата и ќе се додели премиум на компаниите што ќе демонстрираат заштеди со кои би се намалила основицата на кредитот со износ до 30.000 САД долари.
Горан Танчевски
За досегашниот тек и придобивките од проектот, „Порта 3“ разговараше со Горан Танчевски, машински инженер и инженер технолог по прехранбена технологија, европски енергетски менаџер (еурем) и национален консултант на UNIDO. Неговите консултантски услуги во рамките на проектот бесплатно ги користеше компанијата ЈОКА од Струмица.
Како технолог и машински инженер во исто време, сигурно успеавте да го анализирате работењето на компанијата и можностите за заштеда на енергија од повеќе аспекти. Но, каква беше постоечката состојба во компанијата пред учеството во проектот?
-ЈОКА е една од првите приватни млекарници во регионот, постои од 1993 година. Млекарницата се наоѓа во индустриската зона Север во Струмица. Сите овие години перманентно го зголемува производството и асортиманот на производи. Во моментов произведува свежо пастеризирано млеко, јогурт, ајран, кисело млеко, кравјо сирење, пробиотски производи и павлака. Дневно преработува повеќе од 7.000 литри млеко кое го добива од своите кооперанти во струмичкиот регион. ЈОКА секогаш ги следела новите трендови во квалитетот и менаџментот, и во таа смисла е и нејзиното вклучување во овој проект. Во компанијата е имплементиран HACCP стандардот за безбедност на храна уште во 2006 година. Во текот на годините се инвестирало во повеќе наврати во технологија и нови машини, како и во простор за производство и административни и помошни простории. Ваквиот раст и парцијална набавка на опрема придонесува опремата да се користи со намалена енергетска и производствена ефикасност, најчесто надвор од нејзиниот оптимален капацитет.
Како беа идентификувани најзначајните потрошувачи на енергија и енергентите на кои треба да им се посвети најголемо внимание во анализите?
-Целиот пристап на системот за управување со енергијата во склад со ISO 50001:2011 започнува со проценката на опфатот на енергенси и локации на кои ќе се врши согледувањето. Се разгледуваат сите енергенси кои ги троши компанијата: електрична енергија, екстра лесно гориво, мазут, гас, вода, воздух под притисок итн. Најзначајните потрошувачи на енергија од аспект на енергетската ефикасност се поделени во две категории: големи потрошувачи на енергија и потрошувачи кај кои се возможни големи заштеди на едноставен или евтин начин.
За релевантна проценка на секој од значајните потрошувачи се прават математичко-статистички модели за споредба на производните операции со потрошувачката на соодветниот енергенс изразен во енергетски параметри (kW). Ваквото моделирање (анализа на податоци) се прави за целата фабрика и поединечно за секој значаен енергетски потрошувач. Покрај потрошувачката на енергија се земаат предвид и климатските фактори (најчесто температурата) и други надворешни или внатрешни фактори кои влијаат на потрошувачката.
Оваа анализа се прави врз основа на податоците од минатото (најчесто 24 месеци) и со помош на неа се добива математички приказ на основното оптоварување на фабриката без производство и линеарен приказ на потрошувачката врзана за некои производствени и други параметри. Во случајот на ЈОКА, параметар кој имаше најголемо влијание на потрошувачката на електрична енергија беше надворешната температура поради големите потреби од ладење на суровото млеко и готовиот производ. Најзначајните потрошувачи на енергија се идентификуваат и по процентот од вкупната енергијата кој го трошат при производството.
Како потрошувачи на електрична енергија, најзначајни се ладилните комори за готови производи, системот за производство на ледена вода, хомогенизаторот итн. На потрошувачката на Екстра лесно масло (ЕЛ-1) за парниот котел најмногу влијае количината на пастеризирано млеко.
Колку е битна улогата и посветеноста на менаџментот за успешна реализација на еден ваков проект? Дали и на кој начин се препознаени и стимулирани вработените за својата иновативност и колку тоа има влијание врз успешноста на проектот?
-Проектите од областа на менаџментот не може коректно да се спроведат без комплетна посветеност на тимот во субјектот/ компанијата каде се спроведува. За овој стандард е најважна посветеноста на менаџментот на компанијата. За таа цел се изготвува енергетска полиса на компанијата, во која се наведени целите и определбите за заштеда на енергија. За содржината на енергетската полиса се известени сите вработени и таа е истакната на видно место. Покрај вработените во компанијата, политиката на зачувување на енергија се однесува и на добавувачите на суровини, енергија и услуги, кооперантите, купувачите на производите, се почитува при проектирање и набавка на опрема итн. Ова е најважниот документ кој го издава врвното раководство на компанијата и кој е обврзувачки.
За спроведување на енергетската политика во компанијата се формира енегетски тим. Тимот е составен од разни профили на стручни лица на чело со енергетски менаџер. Енергетскиот менаџер на компанијата е соодветно обучен и цертифициран од страна на УНИДО. Во имплементацијата на системот за управување со енергија во првата година се вклучени и два нацонални консултанти на УНИДО, кои помагаат во овој процес.
Енергетскиот тим и во иднина има задача да ја следи потрошувачката на енергенси, да го известува раководството за добиените резултати и да дава предлози за подобрувања. Се поставува комплетна менаџмент структура по секое прашање од аспект на потрошувачката на енергија и се усвојуваат специфичните улоги и одговорности на секој член од тимот.
Како беше прифатен проектот од страна на вработените? На кој начин се работеше на подигање на свеста за значењето на овој проект, знаејќи дека нашиот менталитет тешко прифаќа нешто ново?
-Во компанијата беше спроведена кампања за подигање на свесноста (awareness campaign) на вработените. Генералниот менаџер на ЈОКА заедно со енергетскиот тим им ја објасни енергетската политика на компанијата и ги охрабри во изнесување на идеи за подобрувања. Беа изготвени формулари со кои на доста едноставен начин се собираа предлози од страна на вработените за можностите за зачувување на енергија, кои тие ги забележале во секојдневното работење. Понатаму, формуларите ги содржеа методите за евалуација на изнесените идеи од страна на енергетскиот тим. Избраните можности за подобрувања се предлагаат до врвниот менаџмент на одобрување.
Успехот на кампањата беше огромен. Речиси сите вработени, кои имаа одговорности за некој дел од работењето, дадоа предлози за подобрувања. Многу од предлозите се усвоени и се во постапка на имплементација. Вкупниот број на можности за подобрувања предложани од вработените, енергетскиот тим и националните консултанти надминува 40.
На овај начин се покажа дека кај малите компании, кампањите за подигање на свесноста се подобро решение од енергетскиот аудит спроведен однадвор од специјализирана компанија. Особено мотивирачки влијае ветувањето на одредена награда за поединецот доколку успее да ѝ заштеди средства на комапнијата. Кампањата е планирано да се прошири и надвор од компанијата. Првично на кооперантите и добавувачите, а потоа и на купувачите на производите на ЈОКА.
Овој проект е всушност подготовка за имплементација на системот за управување со енергијата ИСО 50001, за кого во Македонија не се зборува многу. Дали во Македонија има компании кои веќе го имаат имплементирано овој систем?
-Во нашата и други земји, сè уште не постои обврска од имплементација на системот ИСО 50001:2011. Во некои земји веќе е воведена таа обврска за компании кои се поголеми потрошувачи на енергија или се обврзани периодично да извршуваат енергетски аудит-и од надворешна компанија. И покрај непостоењето на законска обврска, сите компании водат грижа за трошењето на енергијата. Некои од компаниите учеснички во проектот, кои се дел од меѓународни корпорации, се во различни фази на имплементација на овој стандард или на интерни стандарди за следење на енергетската потрошувачка и константни подобрувања во ефикасноста.
Кои се Вашите очекувања за заштеди и други бенефити за компанијата ЈОКА како резултат на имплементацијата на овој проект, и може ли во оваа фаза да се презентираат некои бројки?
-Целиот стандард го подобрува вкупното менаџирање со процесите и овозможува поголема контрола на производствените процеси. Потрошувачката на енергија е изразена преку показатели врзани за одредени производни параметри (Индикатори за енергетските перформанси) и следењето е лесно и нумеричко. Секое зголемување или намалување на потрошувачката во некој интервал е видливо и веднаш може да се преземат корективни мерки. Мерките што се во фаза на имплементација се краткорочни, среднорочни и долгорочни, и од успешноста на нивното спроведување зависат и заштедите. Покрај енергетските заштеди се очекуваат и други заштеди како помала амортизација на опремата, поголем производствен капацитет, поголема безбедност на производот итн.
Во Македонија години наназад се соочуваме со висока енергетска интензивност и неконкурентно стопанство. Трошиме неколкукратно повеќе енергија за производство вредно 1000 УСД, споредено со развиените земји. Можеме ли да бидеме оптимисти дека состојбата, сепак, ќе се подобри, и кој е според Вас начинот тоа да се постигне?
-Во моментов земја која најдобро ја користи енергијата е Данска. Со програмите за намалување на потрошувачката на енергија во периодот 2000-2013 е постигнато намалување на примарната енергетска интензивност од 16% (1,3% годишно), а на финалната од 13,7% (1,1% годишно). И покрај големите успеси и големиот број проекти и програми за подобрување, тие сметаат дека и натаму има можности за подобрување. Голем дел од овие проекти се комерцијално неисплативи и субвенционирани, но тоа овозможува да се чекори кон крајната цел: комплетна одржливост и независност од увозната енергија.
Што се однесува до нашата земја, за поздравување е програмата на УНИДО, во која се вклучија доста еминентни компании и со тоа ја покажаа својата свесност за бенефитите од намалувањето на енергетската потрошувачка. Бенефитите за компанијата се финансиски и технолошки, а бенефит има и целото окружување: се намалува емисијата на стакленички гасови и зависноста од скапата увозна енергија. Целиот проблем на енергетската ефикасност треба да се гледа и надвор од индустријата. Стандардот ИСО 50001:2011, за разлика од другите индустриски стандарди, ги опфаќа и секторите вон индустријата, па и животот на секој поединец.
На прво место е ефикасноста на примарнато производство на енергија и нејзиното користење, а потоа и другите големи потрошувачи на енергија: резиденцијалните објекти, транспортот, терцијарниот сектор и земјоделието. Кај резиденцијалните објекти се потребни образовни проекти за населението за можностите за подобрување кај објектите и употреба на уреди кои имаат повисока енергетска ефикасност. Транспортот треба да се насочи кон колективните средства на транспорт и стимулирање на возила кои подобро го искористуваат горивото. Терцијарниот сектор на услуги (хотели, угостителство, здравство, образование, трговија итн.) е значаен потрошувач со широки можности за заштеди.
Земјоделството, кое е важна гранка на нашето стопанство, речиси воопшто не е третирано од аспект на ефикасно користење на ресурсите и енергијата. Сите овие сектори бараат интердисциплинарна анализа на сите аспекти на нивната енергетска потрошувачка. По мое мислење, потребно е национално тело кое ќе се грижи за потрошувачката на енергија, ќе поставува цели и ќе предлага законски решенија во таа смисла.
http://archive.economy.gov.mk/files/galerii/IMG_9398_423440267.jpg
https://www.porta3.mk/wp-content/uploads/2015/08/makedonija-i-region-zaostanuvanje-4.jpg
http://www.dairyprocessinghandbook.com/sites/all/files/chapter/images/6.6.5.fh10_0.png
http://www.unido.org/uploads/tx_templavoila/UNIDO_GEF_master_resize_800_02.jpg
http://images.jagran.com/manufacture_SL_30_03_2011.jpg