Браќата Ronan и Erwan Bouroullec, како моќно име во светот на дизајнот, се збогуваа уште еднаш од неодамна починатата архитектка Заха Хадид, посветувајќи ѝ цветна инсталација која ја изработија во нејзина чест.
Заха Хадид остави голем и значаен впечаток во доменот на светската архитектура, а нејзината смрт во март годинава растажи многумина. Откако почина, нејзините колеги, на себе својствен начин ѝ оддаваат почест на „кралицата на архитектурата“.
Пред извесно време, тоа го направија и браќата Bouroullec, француски дизајнери кои работат под брендот Vitra, креирајќи прекрасна цветна инсталација која едноставно ја нарекоа „For Zaha“. Станува збор за 120 уникатни вази, смислено наредени на подот на павилјонот во склоп на Vitra Fire Station на кампусот Vitra во Германија, исполнети со најразлично полско цвеќе. Со овој проект, браќата Bouroullec се збогуваа уште еднаш од оваа славна и ценета архитектка.