Насловна / Екологија / Термовизија – начин за детектирање на топлински мостови

Термовизија – начин за детектирање на топлински мостови

Живееме во модерно време кога енергијата е неопходна. Сѐ околу нас се врзува со потрошувачка на енергија. Но, светот се соочува со еден голем проблем наречен глобално затоплување. Неконтролираната потрошувачка на енергија ја подигна концентрацијата на стакленичките гасови во атмосферата на едно нетолерантно ниво. Примената на фосилни горива за производство на енергија и нејзината брза потрошувачка треба да се редуцираат на сите можни начини.

За енергетската ефиксност, денес се зборува многу. Нејзиниот брз развој прдоинесе за  пронаѓање на решенија и начини за заштеда на енергија, без нарушувањена комфорот на живеење.

Идејата не е да се вратиме на примитивен начин на живеење без да ги користиме благодетите кои ни ги нуди енергијата, туку да се насочиме кон користење на нископотрошувачки уреди, да се искористи потенцијалот на обновливите извори на енергија и, секако, да не ја губиме енергијата низ обвивката на објектите поради нивното  делумно и лошо изолирање или комплетно неизолирање. Ретко кој од постоечките објекти има инсталирано термоизолациони материјали кои се соодветно избрани и поставени. Во суштина, ретко и кој од објектите воопшто е изолиран.

 

1

Разлика во начинот на штедење

На овој начин, на потрошувачката на енергија се гледа како неважен сегмент од живеењето, но ако се направи анализа на годишно ниво, сигурно би биле изненадени колку ваквата неизолирана обвивка на објектот го црпи фамилијарниот буџет.

Веќе изведените објекти може да се испитуваат за отпорност на топлинскиот проток со помош на методот со термовизија. Топлинскиот проток или топлинските мостови може многу брзо да се детектираат со помош на термовизиска камера, која работи на принцип на мерење на емисивноста на материјалите вградени во објектите.

Инфрацрвената термографија може да се користи во градежништвото за приказ на топлински мостови во конструкцијата, за детектирање на влага кај рамни покриви (водата ја задржува топлината подолго од останатите материјали на покривот и може многу лесно да се детектира, особено во текот на ноќта кога другите материјали брзо се ладат), за проверка на исушеноста на конструкцијата во текот на градењето, за детектирање на дефекти кај соларни панели и ветерници. Инфрацрвените камери се одлични алатки за заштита од пожар и рано откривање на пожар, бидејќи нудат некои од основните корисни можности за овие цели: способност да детектираат и јасно да визуелизираат почетни топли точки низ чад и прашина, мерење и покажување на температура, постојана контрола на претходно дефинирани површини и алармираат во случај на надминување на температурен праг.

Како резултат од мерењето се добива инфрацрвена слика, на која со помош на палета на бои ќе се воочат слабите места на обвивката. Процесот на мерење е многу чувствителен и потребно е да се земат предвид поголем број на фактори.

За жал, она што се добива од мерење на трансферот на топлина низ обвивката на објектите не е ни најмалку во согласност со вистинските методи за изолација.

2 3

Топлински проток низ речиси целата обвивка на објектот

4 5

Топлински проток и оштетувања на објектот детектирани со термовизиска камера

Погоре прикажаните објекти кои се анализирани се без инсталирана изолација по целата обвивка на објектот, и со стари прозорци и врати со дрвени рамки. За ваквата постоечка состојба термовизиските слики се само доказ за очекуваните топлински загуби. Топлинскиот проток е застапен по целата површина, а особено е изразен околу прозорците и вратите.

6 7

Топлински проток најистакнат околу прозорците и вратите

Горните објекти се прилично постари градби со значителни и видливи оштетувања. Но, и кај поновите објекти кои не се надворешно оштетени, состојбата со топлинските загуби не е поразлична. Објектите се градат без да се внимава на тоа каде и како се поставува топлинска изолација.

8 9

Топлински проток низ обвивката на објект

Особено треба да се внимава на критични места, како што се местата на спојување на елементите во конструкцијата, каде постои најголем ризик за појава на топлинските мостови.

10 11

Критични места на обвивка на објект во однос на појава на топлински мостови

Со оваа метода може да се детектираат и дефекти кај машини и соларни панели, како и пукнатини и останати оштетувања на конструкциите. Исто така, може да се воочи на кои места се јавува влага и да се следи процесот на сушење на конструкцијата во текот на нејзината изведба.

За да се добие успешно изведен енергетски ефикасен објект, треба да се изолираат сите фасади, покривот и подот и да се постават енергетски ефикасни прозорци и врати.Системите за греење, ладење, вентилација, подготвување на санитарна топла вода, осветлување и сл., нивните составни и придружни елементи, како и автоматскто управување со нив се исто така значаен сегмент во мултидисциплинарниот пристап кон современите објекти. На таков начин се придонесува за заштеда на енергија, намалување на загубите на енергија и соодветните трошоци, како и редукција на штетните ефекти од емисијата на стакленички гасови и глобалното затоплување.

м-р Весна Грујоска, дипл. град. инж.

Испрати коментар

Scroll To Top