Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечерва ќе биде отворена изложбата „Епизоди на модернизмот – избор од колекцијата на Вукмановиќ“, дела од колекцијата на Народниот музеј на Црна Гора од Цетиње. Кустос на изложбата е Љиљана Караџиќ.
Постановката ја сочинуваат дела од 27 автори од кои повеќето се клучни имиња за историјата на југословенската модерна уметност: Ѓорѓе Андрејевиќ Кун, Стојан Аралица, Јанез Берник, Миодраг Дадо Ѓуриќ, Бранко Филиповиќ Фило, Лазар Личеноски, Петар Лубарда, како и светски познатите Марк Шагал, Ренато Гутусо и други….
Како што нагласуваат организаторите, целта на изложбата е да го понуди искуството на директна средба со поединечните дела кои визуелно, емотивно и мисловно се потикнувачки, но и да потсети на благородниот чин на Милица и Светозар Вукмановиќ – Темпо, кои со својот личен пример ги отелотворија верата во идеалот за напредок, историската мисија на модернитетот и неговите позитивни ефекти за човештвото.
Збирката на Милица и Светозар Вукмановиќ – Темпо, која содржи 224 дела (слики, скулптури, цртежи, графики, таписерии) од најважните југословенски уметници од првата половина на XX век, како и неколкумина странски автори, се создаваше во годините по Втората светска војна.
Во 1965 година, тие ја подарија збирката на Цетиње, а градот потоа ја предаде на чување на Народниот музеј на Црна Гора, каде што се наоѓа и денес.
Збирката нуди увид во идеите и тековите на југословенската уметност во петтата и во шестата деценија на 20 век, а може да се набљудува не само како многу прегледна историја на важните етапи на југословенскиот модернизам, туку и како збир на единствени индивидуални приказни, понекогаш на доминантните, а понекогаш паралелни на главните струи, пред, зад или надвор од официјалниот систем, посочуваат од Националната галерија на Македонија.