По речиси 15 години излегување, познатото списание „Орис“ за архитектура и култура, креираше нова веб страница www.oris.hr и најави отворање на „Орис – куќа на архитектура“ во Загреб. Новата веб страница како и самото списание имаат во фокус промовирање на квалитетни архитектонски реализации од регионот, а кои имаат свој културен и стручен придонес. Првиот број на списанието„Орис“ беше објавен на 2 март 1999 година.
Проектот „Орис – куќа на архитектура“, според најавите ќе претставува нов мултимедијален центар во Загреб, кој освен досегашните активности ќе обезбеди и нови можности за унапредување и проширување на дејствувањата на „Орис“ и развој на нови проекти. Во тек се активности поврзани со целосно завршување на просторот, но исто така и организациски подготовки за богатата програма, која ќе вклучува предавања, филмски проекции, изложби, работилници , концерти и промоции.
Во состав на просторот „Орис – куќа на архитектура “(на површина од 622 м2) ќе има галериски простор, мултимедијална сала со 150 седишта, конференциска сала, катче за читатели, канцеларии за вработените во објектот и на редакцијата на „Орис“, и ресторан Voncimer.
„Орис – куќа на архитектура“ е замислена како место за промоција на архитектурата и културата, како место за средби и дружења на архитекти, дизајнери, деловни луѓе и други заинтересирани учесници на културната и бизнис сцена, место каде што деловните партнери и спонзори на „Орис“ ќе имаат можност да ги промовираат своите производи и услуги преку директен контакт и средби со архитектите.