Истражувачкиот тим од Универзитетот во Мериленд (UMD), креира транспарентно дрво на тој начин што го „избелува“ во сад со цел да се отстрани молекулот лигнин. Тоа е молекулот кој на дрвото му дава темна боја, но во исто време е важен и за неговата цврстина. Со цел да ја подобри цврстината по отстранувањето на лигнинот, научниците го импегрирале транспарентното дрво со епоксид и добиле материјал кој е четири до шест пати појак од оригиналната нетретирана верзија. Вака третираното дрво покажало многу добри резултати во однос на спроведувањето на светлината.
Кога дрвото се третира на ваков начин, каналите кои се наоѓаат низ него а служат за вода и хранливи материи, сега се претворени во премини за светлината, што ја обезбедува високата транспарентност на материјалот. Сите овие карактеристики можат да бидат корисни во создавање на напредни соларни панели, но и во изработката на прозорци кај резиденцијални објекти.
Истражувачите изработиле правоаголен модел на куќа со димензии 13,5 x 7,5 x 25 cm. Таванот е изработен од транспарентни дрвени панели во улога на прозорци. Со примена на соларен симулатор, кој дава ист спектар и интензитет како Сонцето, утврдено е дека транспарентниот дрвен прозорец пропушта иста количина на светлина како стакло, но светлоста е многу порамномерно распределена во просторијата. Во исто време материјалот делува како топлински изолатор, и во однос на ова својство е супериорен во споредба со традиционалните стаклени прозорци. Како резултат на неговата содржина на полимери материјалот е водоотпорен и поотпорен на кршење од стаклото.