Насловна / Архитектура / Rebus sic standibus – Додека така (си) стојат работите

Rebus sic standibus – Додека така (си) стојат работите

gtc1

 

Многу концепти во својата спротивност ја имаат рамнодушноста, како на пример, спротивно на знаењето не е незнаењето туку рамнодушноста, или спротивно на убавината не е грдотијата туку рамнодушноста. Застрашувачко е што и спротивно на животот не е смртта, туку рамнодушноста кон него и кон она што тој го носи.

Зар да се дозволи општо тонење во темната рамнодушност, зар тие со немирен дух ќе молчат пред оваа зачмаеност? Таквите се мобилизирани секој на свој начин, но граѓанскиот активизам е веќе позната форма низ која се пласираат иницијативи како на пример „ГО САКАМ ГТЦ“. За оние што сакаат да знаат нешто повеќе за оваа граѓанска иницијатива, еве како таа во моментов умува и избавливо дејствува:

Свесност за деликатноста на урбанистичките политики и досегашното горчливо искуство со нивното спроведување, создава сомнеж во ефикасноста на практицирањето на постојните закони и подзаконски акти. Постојниот систем на просторно и урбанистичко планирање претпоставува чесно застапување на јавниот интерес, но како систем треба да се усовршува, надградува и осовременува, така што неговите  промени  мора добро да се промислуваат. Честите измени и дополни со краток рок претставуваат несериозно и неодговорно однесување на извршната и законодавната власт кон тој систем и, што е најважно, ја уриваат лесно кршливата доверба во компетентноста на државата. Поигрувањето со термините државен или јавен или посебен интерес, го руши основниот концепт на уреденост на оваа материја, а во јунската одлука на Владата на РМ за изготвување на урбанистичко-планска документација за катастарската парцела на Градски трговски центар се препозна злоупотреба.

gtc

За да се оспори таа владина одлука, изготвена е и предадена до Уставниот суд на РМ  Иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на правниот основ за нејзино донесување, односно предлог за запирање на нејзиното извршување. Поточно, се предложи, Уставниот суд на РМ да го ПОНИШТИ членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање како противуставен, а воедно да донесе соодветно решение за запирање на извршувањето затоа што би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Потребно е да се истакне дека дискрецијата што со овој член е дадена на Владата на Република Македонија, целосно го нарушува системот на просторно и урбанистичко планирање, којшто го воспоставува самиот Закон и подзаконската регулатива. Оспорената одредба дава правна основа за упад во системот и негово апсолутно негирање, а во директна колизија е со владеењето на правото, но и со некои основни човекови права, како што е правото на сопственост, правото на дом, правото на животна средина и др.

timthumb

Образложението укажува дека со член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е пропишана посебна постапка за разработка на урбанистичко-планска документација за градби коишто Владата со своја одлука ќе ги определи како градби од посебен интерес. Целата оваа одредба и нејзината суштина се засноваат на поимот „посебен интерес“ којшто не е определен ниту во законот ниту во некаков друг акт или пропис во правниот систем, а самиот Устав воопшто ниту разработува ниту препознава ваква правна категорија. Дополнително, законот не дава ниту предвидува некакви критериуми или насока за определување на поимот „посебен интерес“. Ова е од особено значење бидејќи во контекст на градби, урбанизам или пак планирање на просторот, законодавецот не посветил внимание на суштинските аспекти кога се работи за фактичко извршување на конкретни законски одредби. Со оспорената законска одредба на Владата ѝ е дадена апсолутна дискреција при утврдувањето на „посебниот интерес“, без да се земат прадвид веќе јасно и прецизно определените правни начела, што се однесуваат на утврдениот правен систем. Оттаму, несомнено, може да се воспостави и да се наметне практика, целиот систем на уредување на Република Македонија да е под постојани дисторзии, без разлика дали се работи за поделба на власта или, пак, за основните функции на локалната самоуправа.

Во овој контекст, јасно е дека и терминолошки и суштински, овој поим „посебен интерес“ е различен од поимот „јавен интерес“ или пак од поимот „државен интерес“. Наметнувајќи нови неодредени, непрецизни правни категории и терминологии, се чини дека тенденцијата на законодавецот била една и единствена: да ги избегне веќе утврдените категории на интерес, државен и јавен, за да ѝ дозволи на извршната власт поголем простор за манипулација, во зависност од потребите при спроведувањето на одредени политики.

dsc_2845

Дополнително, оспорената одредба предвидува, по донесување на одлуката за утврдување на градбата од посебен интерес, урбанистичко-планската документација да се разработува и да се донесе без јавна презентација и јавна анкета, како и без спроведување на оценка на влијанието врз животната средина. Исто така, постоењето на оваа законска одредба  ја доведува во прашање правната сигурност којашто претставува основен постулат вткаен во начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Правната сигурност подразбира прецизни, недвосмислени и јасни норми, бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи. Само ваквите норми ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото. Владеењето на правото, подразбира доследна примена на законските прописи, кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислено формулирани правила (У.бр. 104/2012). Неодреденоста и неодредливоста на поимот „посебен интерес“ на којшто се заснова оспорениот член 50, подразбира дека законската одредба е нејасна и непрецизна и како таква во директна колизија со правната сигурност, а со тоа и спротивна на Уставот на Република Македонија.

kir_0006

Оставајќи простор за владина интервенција, односно вмешување на еден дискреционен, непредвидлив, нејасен и арбитрарен начин, одредбата ги доведува под прашање и начелата развиени низ судската практика на Европскиот суд за човекови права. Имено, според Европската конвенција и практиката на Европскиот суд, секое вмешување во права заштитени со Конвенцијата подлежи на тест којшто, меѓу другото, предвидува постоење на квалитетна правна регулатива. Тоа пак подразбира, правната основа за вмешувањето да биде јасна, достапна и предвидлива. Со оглед на тоа што во законот нема никакви критериуми ниту пак некаква претходна постапка која би резултирала со заклучок дека навистина постои „посебен интерес“, засегнатите лица не се во состојба да го усогласат своето поведение и да се заштитат од вмешувањето на Владата во остварувањето, на пример, на правото на сопственост според членот 1 од Протоколот бр. 1 (приватните сопственици на просторот, или пак авторите чија интелектуална сопственост и авторски права би се нарушиле со интервенирање на ваков начин во засегнатиот архитектонско-урбанистички зафат) или пак правото на приватен живот (заштита на домот, работниот простор и непосредната животна средина). Понатаму, друг елемент кој мора да се запази е постоењето на некаква легитимна цел која би се постигнала со интервенцијата на Владата, што исто така недостасува со оглед на нејасноста и недореченоста на поимот „посебен интерес“.

Конечно, ваквата одредба резултира и со нарушување на начелото на локалната самоуправа бидејќи градбата или просторот за чие уредување е надлежна локалната самоуправа, едноставно, се става под капата на Владата, односно централната власт. На тој начин се прави упад во локалната самоуправа и се нарушува правото на локална самоуправа на граѓаните, што пак исто така е една од темелните вредности на уставниот поредок.

Во член 8 од Уставот на Република Македонија, недвосмислено и јасно се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, односно правото на локална самоуправа и  уредувањето и хуманизацијата на просторот, и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Овие темелни вредности, а во врска со одредбите од Законот за локалната самоуправа, со којшто закон всушност се гарантира и самото право на локална самоуправа и начинот на којшто се остваруваат ингеренциите на општините во однос на уредувањето и хуманизацијата на просторот, и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, односно член 22 став 1 точка 1, член 22 став 1 точка 2 од предметниот закон, ќе бидат повредени со самото донесување на каква било одлука донесена од Владата на Република Македонија којашто би се однесувала на „посебен интерес“. Дополнително, со член 114 и член 115 од Уставот на Република Македонија, освен што определува дека правото на локална самоуправа се гарантира и се уредува со закон, определено е и дека граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето, особено за прашањата поврзани со урбанизмот, а општината е самостојна во вршењето на надлежностите според Уставот и според Законот за локалната самоуправа.

Имено, со донесувањето на конкретна одлука на Владата за оваа материја, дефакто значи узурпирање на надлежностите на единиците на локална самоуправа, дотолку повеќе што со конкретна одлука во однос на уредување на просторот може да значи и негова фактичка дехуманизација, со што неспорно може да се утврди повредата на темелните вредности и загарантираното право на локалната самоуправа. Понатаму, според член 20 и член 21 од Законот за локалната самоуправа е недвосмислено пропишано дека надлежностите на општините се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, а начинот на донесување на одлуките на Владата во овој контекст, а особено нивната содржина ќе бидат еклатантен пример за одземање на надлежностите на локалната самоуправа. Во контекст на наведеното, не само што е погрешно применето материјалното право пропишано со позитивните законски прописи коишто се однесуваат на уредување на просторот, туку е погрешно применет и Уставот како највисок акт.

Даница Павловска Циги, дипл.арх.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top