Минатата година ни се случи Шара и Тетово – шест загинати, голема материјална штета… На 6 август годинава ни се случи Скопска Црна Гора, Стајковци… 22 загинати, очај, паника, бес, огромни материјални штети…
Што е следното…
Со години наназад убави студии и планови за урбанизација, заштита од катастрофи, ветувања за нова инфраструктура – на терен реализација КАТАСТРОФАЛНА.
Систематски уништени и намалени површини под шуми и покрај многуте акции „Денови на дрвото“, недовршена инфраструктура и каналски мрежи, и редовно неисчитени водотеци и постојни канали, изградени плански во времето на една бивша „лоша“ држава.
Несовесност на државата и на локалното население. Дивоградбите ни се редовна судбина дури и на забранети површини, но затоа е тука Законот за легализација на дивоградби, каде со 1 евро/м2 се задоволуваат сите. Популизмот цвета, урбанизацијата се враќа назад во некој друг век. Казните од немилосрдната природа следуваат.
Обиколницата – можеби по европски проект и со европски кредит, но со балкански- македонски заобиколувања на многу технички детали, предвидени, но не и реализирани проекти за одвод на водите околу обиколницата!
Многу, ужасно многу пропусти. И сега. Најлесно е да се каже „господ е виновен“ што ни испрати страшна непогода. Но каде e човечката вина, струките од повеќе области и најважното и над сè, вината на државата и нејзините институции.
Заради изгубените животи, надежи, доверие, ги очекуваме одговорите и решенијата, кои ќе ги спречат или намалат можните идни трагедии за кои има ГОЛЕМИ ПРЕДЗНАЦИ -Водно, Вардар, Скопје…
Љупчо Атанасовски