Јапонија се вклучува во активности кои се однесуваат на проектирање на иновативни и необични куќи, и тоа делумно поради ограничувањето во просторот со кој земјата има сериозен проблем, а делумно и поради трендовите на пазарот на недвижности на кој се очекува поголемиот дел од постоечките домови да бидат срушени и заменети во рок од 30 години. Во оваа земја изработен е план за тоа како да се дојде до нови стамбени единици, па во врска со тоа на овогодишната изложба „House Vision Tokyo“ се собраа некои од најдобрите архитекти во земјата. Темата на овогодишната изложба беше „Co-Dividual: Split and Connect/Separate and Come Together”. Целта е да се промовираат идеи кои луѓето ги донесуваат низ меѓусебна соработка, а имајќи ги предвид предизвиците како што се стареењето на нацијата, економската стагнација и неодамнешната катастрофа. Постојат вкупно 12 прототипови на куќи, и ги има од „откачени“ до совршено остварливи. Секоја од нив е изградена заради изложбата во Токио. Овде ви претставуваме три најинтересни концепти.
Куќа во која на фрижидерот му се пристапува од надвор
„Што би било доколку направиме куќа во која веднаш уште од надвор може да му пристапите на фрижидерот?“ прашуваат Yamato Holdings и Fumie Shibata. Идејата секако има добри страни, со тоа што доставувачот може да ви ја испорача свежата храна директно во фрижидерот.
Надвор исто така е поставено стандардно место за поштата, како и простор за чиста облека. Секако, овде најсероизни се проблемите во врска со безбеноста, но се очекува брзо да се надминат.
„Grand Third Living Room“
Овој концепт е дело на познатиот јапонски архитект Kengo Kumu во соработка со „Toyotа“, со намера во целост да се отфрли традиционалната куќа како би се заменила со новиот концепт на номадски начин на живот, каде „станарите“ носат лесни а цврсти шатори во багажот на новиот хибриден „Toyotа“ автомобил („Plug-in Hybrid Toyota“).
Кога ќе се пронајде соодветно место на кое ќе запре и ќе се подигне шатор врамен во јаглеродни влакна, идејата е хибридниот автомобил да се користи како извор на зелена енергија и комуникација. Ова не може да се сфати сосема како замена за куќа, но секако би можело да биде интересен концепт за кампување.
„Rental Space Tower“
Тимот од компанијата „Daito Trust Construction“ во соработка со Sou Fujimoto дошле на идеја за заедничко изнајмување на станови кои ја намалуваат големината на приватните простории како што се спалните соби, во корист на заедничките простории.
Градината, библиотеката и кујната би биле големи, овозможувајќи им на станарите да продолжат со своето хоби, во простор и со опрема која не би можеле да си ја дозволат во мали станови.
Делењето на просторот за домување има очигледни предности во пренаселените градови како Токио, и таквите проекти дефинитивно добиваат на популарност.