Во населеното место Кучичино во општина Чешиново Облешево започнаа градежните работи на изградбата на пречистителната станица за одпадни води. Во непосредна близина на ова населено место механизација активно работи на терен и во моментот се изведуваат земјените работи, порамнувања и прилагодувања на теренот.
– Изведувач на проектот е компанијат „ЕКО-ИНА” од Хрватска, а активностите ги врши подизведувачот „Алфа-Инженеринг” од Радовиш. Изградбата на пречистителната станица е финансирана од швајцарската амбасада преку Проектот за управување со речниот слив на река Брегалница. Вредноста на проектот изнесува 23 милиони денари. Со оваа пречистителна станица ќе се овозможи третирање на отпадните води, со што ќе се намали загадувањето на водите на реката Брегалница, информираше градоначалникот Костадин Личков.
Во пречистителната станица кај Кучичино ќе бидат третирани отпадните води од неколку населени места со што ќе се овозможи речниот слив на Брегалница да биде помалку загаден. Ова ќе придонесе за еколошка заштита и на земјоделските површини кои се наоѓаат покрај речното корито на река Брегалница.