Германска галерија објави дека пет века стариот бакрорез, „Ангелот ја крунисува Марија“ од славниот ренесансен уметник Албрехт Дирер, што го донирал маж кој го купил на пазар за стари работи, е во многу добра состојба.
Бакрорезот „Ангелот ја крунисува Марија“, настанат во 1520 година, е купен за неколку евра во гратчето Саребурж во источна Франција, кога се распродавале предмети од една куќа во градот. Купувачот, пензиониран француски археолог, на задниот дел го забележал печатот на Staatsgalerie од Штутгарт и пред неколку дена одлучил анонимно да го донира.
„Дојде заедно со сопругата и го донесе бакрорезот“, изјави портпаролката на споменатиот музеј во Штутгарт, Ане Франкенберг.
Изгледа дека уметничкото дело кое исчезнало во текот на Втората светска војна долго време било завиткано, па е во многу добра состојба, вели Франкенберг. Додава дека пред да биде понудено на пазарот, било сопственост на поранешен заменик градоначалник на малото гратче.
Според неа, галеријата сé уште не одлучила како ќе го изложи бакрорезот.„Допрва мораме да му го најдеме вистинското место“, вели.
Албрехт Дирер, роден 1471 година во Нирнберг, јужна Германија, патувал низ Италија од својата 20-годишна возраст и брзо ја стекнал репутацијата на еден од најголемите ренесансни уметници, а бил сликар и графичар кој ја донеле ренесансата во Германија и во северна Европа.