Насловна / Архитектура / 25. меѓународна Летна школа за архитектура во Св. Јоаким Осоговски: Колажи, монтажи и асемблажи

25. меѓународна Летна школа за архитектура во Св. Јоаким Осоговски: Колажи, монтажи и асемблажи

Веќе 25 години меѓународната Летна школа за архитектура, организирана од Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје, обединува повеќе генерации студенти, млади истражувачи, едукатори и архитекти од најразлични краишта на светот, во единствениот амбиент на манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски кај Крива Паланка. Во својот континуитет, школата, природно, бележи одредени промени во однос на форматот, но како заедничка нитка се провлекува фокусот на учењето архитектура во директна релација со актуелни теми и феномени, кои суштински ја дефинираат архитектурата како критичка мисла и како креативен процес. 1- workshop

Низ своето 25-годишно континуирано работење, Школата се разви во своевидна лабораторија за експериментирање, тестирање и вреднување на различни пристапи и постапки кои извршиле влијание, и сè уште ја обликуваат архитектонската мисла и работа. Во прилог на внесување свежи погледи од страна, размена на искуства и знаења, и нивно повторно дисперзирање ширум светот, последните десет години темата, задачата и методологијата на работа се поставени од гости-тутори кои доаѓаат од странство. Станува збор за низа светски етаблирани личности, меѓусебно различни, но еминентни фигури – како во архитектонското образование така и во архитектонската практика: Питер Вилсон (2015), Сами Ринтала (2014), Хан Тумертекин (2013), Илија Зенгелис (2012), Александар Бродски (2011)…3_Final_Exhibition

Оваа година, дваесет и петтата сесија на Летната школа за архитектура, работеше на темата КОЛАЖИ + МОНТАЖИ + АСЕМБЛАЖИ, предводена од холандските архитекти и професори Михил Ридајк и Џулиет Бекеринг, заедно со работниот тим од Архитектонскиот факултет во состав: Марија Мано Велевска (раководител), Мери Батакоја (секретар), Ана Ивановска Дескова, Огнен Марина и Јован Ивановски.MRiedijk gi potpisa knigite za studrntite

Михаил Ридајк

Во периодот од 9 до 16 јули, во исклучителниот работен простор во рамките на стариот манастирски конак на манастирот Св. Јоаким Осоговски, техниките на колаж, монтажа и асемблаж, беа апсолвирани преку серија предавања и преку директна практична целодневна работа. Покрај воведното предавање за запознавање со поимите, искуствата и можностите на посочените техники, Михил Ридајк и Џулиет Бекеринг одржаа посебни презентации на работата на своите проектантски бироа Neutlings Riedijk Arhitects, односно Bekkering Adams Architecten, со особен осврт кон примената на колажот, монтажата и асемблажот во различните фази на проектите: од замислувањето, преку начините на презентација, до конечните претстави на реализираните објекти во својот контекст. Професорката Класке Хавик, од ТУ Делфт, даде свој придонес кон запознавање и разбирање на различни форми и методи во читањето и замислувањето архитектура. Нејзиното предавање насловено „Читање од надвор: средби во едукацијата, Делфт-Скопје 2005-2015“ се базираше на личното искуство во досегашната соработка со Архитектонскиот факултет од Скопје.J.Bekkering_Lecture

Џулиет Бекеринг

               Темата КОЛАЖ+МОНТАЖА+АСЕМБЛАЖ се загледува во самиот процес на архитектонското проектирање со фокус насочен кон значењето и можностите на техниките на колажот, монтажата и асемблажот во уметноста и особено во архитектурата. Летната школа по архитектура имаше намера да го испитува и вреднува искуството од референтни примери во уметноста и архитектурата, произлезени од техники базирани на колажот, монтажата и асемблажот, за потоа да ги имплементира во проект за ре-концептуализација на градскиот плоштад во Крива Паланка. Трите постапки, иако вообичаено разбрани како синонимни категории, беа испитувани и применети одделно, но со цел континуирано развивање на планови, пресеци и изгледи на проектната задача – објект без функција, и/или истовремено објект кој содржи илјада функции, лоциран на плоштадот Македонија во Крива Пaланка. Истовремено се развиваа осум дистинктивни концепции од страна на осум тима, составени од студенти во различна година на образование и од различно потекло, со цел создравање на вистински колажи од идеи, монтажи на искуства и асемблажи од просторни концепти.exhibition 2

Работата беше организирана во три блока од по два дена, а секој блок поединечно посветен на една од техниките: колаж, односно монтажа, односно асемблаж. Првите два дена беа посветени на „Колажот како средство на идеите“, вторите два дена „Монтажата како средство за просторна експресија“ и последните два дена на „Асемблажот како инструмент за архитектонско обликување“. Преодот од една во друга техника не е независен, туку е континуиран преод од дводимензионална евоцирачка слика во конкретен тридимензионален архитектонски простор. Резултатите од Сесијата беа претставени на завршната изложба пропратена со орална презентација која ги сублимираше сите чекори и елементи клучни за развивање на секој поединечен проект. Од презентираното, се заклучува дека станува збор за исклучително интензивно, дидактичко и креативно искуство.site ucesnici LS2016

Летната школа по архитектура по 25-ти пат ги уживаше културните и природните благодети на манастирот Св. Јоаким Осоговски, а Архитектонскиот факултет при УКИМ, преселен во училницата на отворено – чардакот, им овозможи на 24 избрани студенти, на туторите и на сите останати гости еднонеделно уживање во архитектурата.1- workshopp 1_Workshop_a 1_Workshop_b 1_Workshop_c 2- presentation 2 2- presentation 1 2- presentation 3 3_Final_Exhibition_a 3_Final_Exhibition_b exhibition 1 exhibition 0 exhibition 2 M.Riedijk_Lecture

Подготви:

Марија Мано Велевска, раководител на Летна школа, сесија 2016

Мери Батакоја, секретар на Летна школа, сесија 2016

 

Испрати коментар

Scroll To Top