Новата сина боја на терасите, вака изгледа зградата број 13А на булеварот „Климент Охридски“.
Станарите се задоволни, велат дека конечно и нашата зграда го доби ликот кој го заслужува и кој го посакувавме.
Општина Центар ја реконструираше фасадата со површина од 1.470 м2 и како и на сите досегашни реконструкции на зградите, поставена е од сите страни енергетско ефикасна фасада, а не само на предниот дел од зградата.
Новата фасада овозможува подобри услови за живеење на станарите и тие сега ќе плаќаат до 30% пониски сметки за електрична енергија.
Фасадата е контактна, изведена од стиропор со дебелина од пет см и завршен слој од пластичен малтер. На барање на граѓаните, заменети се и олуците и окапниците.
Задржан е автентичниот изглед на зградата, која е изградена во 50-тите години на минатиот век. Ова е една од попознатите згради во Скопје, се наоѓа на значајна сообраќајница, а руинираниот изглед до пред неколку месеци го нагрдуваше просторот.
Ова е 12-та зграда која со реконструкција доби енергетско ефикасна фасада, а средствата се одвоени од буџетот на општината.