Вечерва (28 јули) во 20.30 часот, во Културно-информативниот центар ќе биде отворена изложбата Universe as integrity allusion на тројца уметници: Шкипе Мехмети, Дита Старова-Керими и Зарие Амдиу.
Шкипе Мехмети дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде што и магистрирала на одделот графика. Од 2000 година, учествувала во повеќе од 50 групни изложби, а самостојно се претставила во: Њујорк, Нирнберг, Приштина, Висби, Берлин и Скопје.
Дита Старова-Керими дипломирала сликарство со графички дизајн и магистрирала на истиот факултет. Моментално е директор на Националната галерија на Македонија. Досега реализирала повеќе од дваесет самостојни и колективни изложби во САД, Франција, Турција, Косово, Бугарија и Македонија.
Зарие Амдиу дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, а магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на конзервација и реставрација, насока фреска. Работи во Националниот центар за конзервација во Скопје, како конзерватор за ѕидно сликарство и мозаик. Учествувала на повеќе од 50 групни изложби во Македонија, Албанија, Косово, Бугарија, Турција, САД.