Некогаш, 3Д печатачите правеа само поситни предмети и поединечни парчиња мебел. Како што напредуваа со времето, станаа сè поголеми и посложени, така што сега се способни да „испечатат“ комплетна куќа. И тоа каква!
Кинеската компанија HuaShang Tengda направи куќа со 3Д печатач која може да издржи земјотрес до 8 степени по Рихтерова скала! Да потсетиме, земјотрес со оваа јачина спаѓа во катастрофалните земјотреси што можат да предизвикаат огромна штета и до илјада километри од епицентарот.
Иако тие не се првите што направиле 3Д печатена куќа, секако се први кои го направиле тоа од еден дел. Досега, главно, се печатеше дел по дел, па потоа сето тоа се составуваше на самото место. Во овој случај, големиот 3Д печатач, развиван неколку години, за само 45 дена направи куќа од 400 квадрати како една целина, пишува Inhabitat.
За куќата се потрошиле 20 тони бетон. Компанијата не објавила кој цемент го користела, ниту која била рецептурата за бетонската мешавина.